X
 17.11.2022 Наша тема

Афлатоксинот најден во млекото кај нас е особено токсичен за децата, го забавува нивниот физички развој, вели д-р Андон Чибишев

Афлатоксинот е особено токсичен за децата, го забавува нивниот физички развој и може да предизвика ментални нарушувања. На овој начин проф. д-р Андон Чибишев од Универзитетска клиника за токсикологија во Скопје ја опишува оваа состојка, која неодамна се откри дека ја има со зголемено присуство во млекото „УХТ ТРАЈНО МЛЕКО“, „МИЛКАНО“ 3,2% кое беше достапно на македонскиот пазар преку увоз од Босна и Херцеговина.

Агенцијата за храна и ветеринарство ги информира потрошувачите дека се отповикува овој тип млеко од македонскиот пазар, односно се повлекуваат 20 тони и се упати апел до сите граѓани што го купиле, да го вратат во маркетите за да им бидат вратени парите. Сепак, останува прашањето кои се последиците доколку некои го консумирале овој тип млеко подолго време.

- Небезбедното млеко ќе се врати кај производителот доколку надлежните ветеринарни власти од Босна и Херцеговина го прифатат тоа, во спротивно, ќе биде уништено на депонијата Дрисла - соопштија тогаш од Агенцијата.

Од Агенцијата додаваат дека сите други производи од овој бренд се безбедни, со исклучок на млекото со наведениот лот и рок на употреба. Инаку, станува збор точно за млекото „Милкано“, увезено од Босна и Херцеговина со сериски број/лот- LOT FD04, датум на производство 5.10.2022 и рок на употреба 4.3.2023.

Афлатоксинот е производ на габата Aspergillus flavus. Габата вирее во области со топла и влажна клима и притоа го синтетизира и го испушта токсинот во намирниците во кои е присутна. Ја има во места како што се контејнери, силоси, подруми во кои има складирано пченка, пченица, јачмен, зрнести плодови, кафе, зачини. Затоа и трговци и фабрики кои во процесот на производство ги употребуваат овие намирници треба да внимаваат при употребата на овие продукти. 

- Внесувањето во организмот преку прехранбени продукти што содржат афлатоксин може да предизвика сериозни здравствени тешкотии. Афлатоксинот е најканцерогена супстанција позната во природата. Внесена во организмот се депонира во црниот дроб и може да предизвика појава на малигна болест на црниот дроб. Има афинитет кон имунолошкиот систем, ја намалува неговата ефикасност, особено за заштита и отпорност кон вирусни инфекции. Ја ослабува функцијата на ендокриниот систем и со тоа може да предизвика дополнителни здравствени проблеми. Внесен преку воздухот, односно вдишан, предизвикува тешки алергиски реакции и инфекции на горните респираторни патишта - вели д-р Чибишев.

Афлатоксинот во млекото стигнува преку животните, односно кога тие животни се хранат со сточна храна која е загадена со габата Aspergillus flavus, или кога во таквата храна (пченка) има присуство на афлатоксин. Внесен во организмот на животните се излачува преку млекото, а така стигнува и до млечните производи.

- Оние што го консумирале млекото кое е повлечено од трговијата поради присуство на недозволена количина на афлатоксин, треба да се обратат кај нивните матични доктори и да направат лабораториски иследувања со акцент на црнодробните ензими - додава д-р Чибишев

Во некои земји на ЕУ не е дозволено присуство на афлатоксин, во некои е дозволен во концентрација од најмногу 0,025 микрограми на кислород, а во Македонија е дозволено присуство од 0,05 микрограми на килограм. 

Во регионот имаше скандал поради присуство на афлатоксинот М1 во млекото уште пред околу десет години. Стануваше збор за млеко од хрватски „Дукат“ и производителот ги повлече сите трајни млека од рафтовите. Во тој период беше забележана појава на афлатоксин и во српската пченка. Уште тогаш се отворија прашањата околу тоа колку е безбедна храната што ја консумираме и дали кај нас се вршат доволни контроли, особено на храната од увоз.

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема