Наставникот треба да ги инспирира своите ученици, а не само да ги анимира. Тоа најдобро се постигнува со личниот позитивен пример, категоричен е Никола Котески, 64-годишен наставник по физичко образование. Го запознавме во планинското село Бајловце, каде држи настава по физичка култура и нѐ воодушеви со својот позитивен и афирмативен однос кон животот.
Додека многумина негови врсници сметаат дека животот во седмата деценија треба да стивне и да станат попасивни, Котески покажува дека сѐ е до волјата и во поставената животна цел за активен метод на живеење.
Страстен играч и љубител на фудбалот, Котески цел живот е посветен на спортот. Играл во прволигашки фудбалски клубови во Македонија, Шведска, Данска и Австралија каде што бил и фудбалски тренер. Автор е на првиот стручно научен труд и учебник за фудбал „Индивидуална едукација на фудбалерите”.
Од 1984 година наваму, откако престанал со активната фудбалска кариера, веднаш продолжил со редовна физичка активност – трчање на маратонски трки. Овој кумановец има истрчано повеќе од 120 полумаратони и маратони!
- Срам е и грев цел живот да се живее пасивно. Секој човек мора да води сметка да биде и да остане ментално, физички и духовно силен. Тоа е најдобриот и најкорисниот начин кој секого ќе го одведе кон цврсто и стабилно здравје. Најважно е по завршувањето на активна спортска кариера, веднаш да се продолжи со друга физичка активност, но и многу да се чита и да се водат позитивни разговори со цел да им се помага на луѓето. Во 90-те години три пати бев првак на Охридски атлетски маратон во моја категорија. Во последно време поретко трчам маратони, повеќе полумаратони (21км). Скопје, Приштина, Подгорица, Белград, Нови Сад, Грција, Финска, Австралија... се некои од местата каде што сум бил дел од атлетски маратони и полумаратони. Паралелно со трчањето комбинирам и фитнес, односно кревање тегови, а доколку не одам во теретана, правам од 400 до 600 склекови на секој тренинг – вели наставникот, кој трча секој втор ден.
Периодов тој пишува книга посветена на здравиот живот. Освен спортот и пишувањето е негова голема пасија. Последниве пет шест години иницираше појава на списание „Пиемонт” во кое објави свои есеи за едукација на учениците и за корисноста од спортувањето и редовните рекреативни активности.
- Не е поентата да се има само физичка активност. Треба и ментална активност. Пишувам и книга. Човек мора да има разиграна душа, јак дух. Вие може да видите човек што е дотеран, нашминкан, ама ако внатре е празен, исто таков е и неговиот живот – додава наставникот.
Котески предава во кумановските села Бајловце и Пчиња
Го прашавме дали посебно внимава на исхраната.
- Јадам четири пет пати супа дневно, зеленчук, овошје, салати, месо – малку поради протеините, пијам многу течности, некогаш пијам и по 4 литри вода. Љубител сум на зелени и на црни чаеви – вели тој.
Котески им предава физичко образование и воспитание на децата од две села – Пчиња и Бајловце. Се радува кога им влијае позитивно на своите ученици и кога со својот личен пример ги поттикнува да живеат активно.
- Имаме талентирани дечиња. Пред некој месец мој ученик од училиштето во Пчиња го земаа да игра во „Вардар“, девојче собори четири државни рекорди во атлетика, има и други успешни деца. Имав и еден фудбалер кој стана прв голгетер и играше во повеќе земји. Еден од моите воспитаници моментно игра фудбал во првата фудбалска лига на Португалија, во Спортинг во Лисабон и е редовен фудбалски репрезентативец на Македонија. Мојата задача е не само да ги анимирам, но и да ги инспирирам со сопствениот пример – вели Котески.
Заедно со ќерка си Бојана, која исто така трча рекреативно
Овој инспиративен наставник дефинитивно е најголема инспирација за неговата ќерка Бојана Котеска, која е асистент докторанд на ФИНКИ. Во последните пет години и таа почна да се занимава со трчање рекреативно и неколку пати учествуваше на Скопскиот маратон.
- Татко ми за мене е најголема инспирација. Едвај чекам да најдам време за да поразговарам со него. Неговиот позитивен дух ми го развеселува денот. Најмногу ми се допаѓа тоа што секогаш разумно и со оптимизам им приоѓа на работите. Моите родители отсекогаш ми биле најголема поддршка. Без нив не би стигнала до таму каде што сум денес – ни сподели Бојана.
Во Македонија недостигаат позитивни лични примери, додава Котески.
- За жал, менталитетот кај нас се преведува со прифаќање на неактивен начин на опстојување. Народот нема елементарни познавања од здрав начин на живот и што е уште пострашно, нема интерес нешто да смени. Сѐ е подредено на здравјето. Физичкото, менталното и духовното здравје е над сѐ! – тврди воспитувачот Котески.
Иако тој може слободно да се пензионира, планира да работи уште две години. Периодов е посветен на пишувањето на книгата, а паралелно се подготвува и за Скопскиот маратон, за кого вели дека е неминовен!