Нејзиното мото „Јас имав операција на мозокот. Кој е твојот изговор?“, испишано на англиски јазик на маичката што ја носеше на трката, привлече внимание и ѝ донесе многу охрабрувачки коментари, за кои вели дека ѝ помогнале да истрае до целта
Надица Димитровска е 33-годишна скопјанка чиј подвиг да истрча полумаратонска трка од 21 километар, по комплицирана операција на мозокот пред една година, беше инспирација и мотивација за многумина учесници и поддржувачи на овогодишниот „Виз ер Скопски маратон 2020“, одржан на 4 октомври.
Нејзиното мото „Јас имав операција на мозокот. Кој е твојот изговор?“, испишано на англиски јазик на маичката што ја носеше на трката, привлече внимание и ѝ донесе многу охрабрувачки коментари, за кои вели дека ѝ помогнале да истрае до целта.
Таа не дозволи долгиот процес на закрепнување во постоперативниот период, кој сè уште трае, да ѝ биде изговор и успеа со насмевка на лицето да ја финишира трката.
- Главоболката ми е секојдневен сопатник. Но, во целата состојба, јаката желба и волја, а и поддршката што ја имав од моите најблиски роднини и пријатели ми овозможи да успеам - низ смеа вели Надица.
На целта: Надица со нејзината снаа Величе
Нејзиниот ведар дух е доказ дека физичката активност и трчањето може да бидат мотивација за сите што се двоумат и немаат цврста волја да истраат во намерите.
- Голем дел од мојата околина не знаеше за мојата состојба, освен моите блиски роднини и пријатели. Затоа бев многу позитивно изненадена од коментарите и од поддршката од многу непознати луѓе за време и по завршувањето на маратонот - посочува Надица.
Изненадена е и од коментарите што изминатите денови ги добива на социјалните мрежи, кои ѝ даваат мотив и следната година да го повтори истото, но и со нејзиниот пример да биде мотивација за истрајност на многумина што се соочуваат со некакви здравствени проблеми.
- Немам зборови да опишам колку сум позитивно изненадена од тоа што некој што финиширал полумаратон за речиси три часа може да добие олку големо внимание. Но, сега уште повеќе сфаќам низ што сè сум поминала изминатава година - додава таа.
Со семејството
Отсекогаш била физички активна. Скијала, тренирала одбојка, фитнес, па дури и скијала на вода. Но, најголема мотивација да почне да трча ѝ бил брат ѝ Александар, кој со години наназад трча полумаратони и маратони, а на тркачката фела ѝ е познат како siksitinajn_69. Минатата година, пред да ѝ се појави болеста, Надица првпат учествувала на Скопскиот маратон, исто така во полумаратонска трка.
Успеав, знаев дека можам!
Откако во август годинава повторно отишла на контрола во Анкара, Турција, каде што минатата година во септември ѝ била извршена операција на тумор на мозокот, која според процедурите требало да биде направена за два и пол часа, но кај неа траела дури пет часа, по прегледот тамошните доктори ѝ дале зелено светло да спортува со примена на лесни вежби, умерено пешачење и малку лесно трчање.
Поради тоа, за оваа трка се подготвувала помалку од еден месец.
- Поради целата ситуација со пандемијата и блокадата на здравството во целиот свет, не можев да патувам и да ги направам редовните контроли. Така, изминатиот период бев сама свој доктор, но со постојана телефонска комуникација со мојата докторка Пинар, неврохирург од Анкара. Буквално постојано бев под нејзин надзор. И бев пресреќна што повторно можам да бидам физички активна, нешто што беше дел од моето секојдневие пред операцијата - објаснува Надица.
Нејзините совети, без брзање, трпеливо и со позитивна мисла, ѝ биле во главата додека трчала, вели Надица.
- Свесна сум дека за целосно закрепнување ќе биде потребно уште време. Се придржувам до лекарските совети и секако до препишаната терапија - вели таа.
За време на трката се трудела да не размислува на ништо, само да се фокусира на целта. Првата мисла што ѝ поминала низ главата кога ја завршила трката ѝ била: „Успеав, знаев дека можам“.
- Голема поддршка за време на трчањето ми беше мојата снаа Величе, која рамо до рамо трчаше со мене и ме мотивираше секојпат кога ќе застанев или ќе западнев во криза - додава полумаратонката Надица.
Вели дека ќе продолжи со истото темпо зашто самата физичка активност ја прави да се чувствува жива, подобра и посреќна.
Вербата во себе го менува животот
Според неа, многу често се случува луѓето со одреден здравствен проблем да се демотивираат и да се повлечат во животот. Им порачува сами да се подигнат и да продолжат зашто најголемата сила лежи токму во нив и мора да знаат дека ќе бидат или дека се победници во борбата со болеста.
- Турбуленциите во животот се како и турбуленциите во авионот. Фокусот на малите убави работи го спасува денот, го спасува животот. Не е важно во што веруваме сè додека веруваме во себе. Победниците се јаки, силни и искуствено богати луѓе. Победниците во себе ги носат таа моќ и тоа знаење дека е возможно да бидат посилни од која било пречка во животот. Кога мислиме дека не можеме, тогаш всушност најмногу можеме - смета Надица.
Со семејството и со пријатели
Вели дека е лесно да се бараат изговори за работите што не сме ги направиле или не сакаме да ги направиме, но токму тие изговори треба да ни се најголема мотивација зашто сè што треба е само малку повеќе да веруваме во себе.
- Тоа НЕ МОЖАМ само треба да го промениме со ЌЕ ПРОБАМ и сè ќе се смени - порачува таа.
Посочува дека живееме во брзо време, трчаме низ животот и не обрнуваме многу внимание на нашето здравје и на малите знаци кои ни укажуваат да забавиме и да си се посветиме на себе.
- Вистина е тоа што го велат постарите, прво здравје да се има, па другото ќе си дојде. Ставајќи се себеси на прво место и посветувајќи се на себе, не значи да се биде немарен или лош кон другите. Тоа значи да се слушаат своите потреби, да си дадеме себеси мир и спокој. Да вложуваме во своите интереси и да ги негуваме своите таленти. Да учиме повеќе за себе и да бидеме подобри за себе, а кога сме подобри за себе, ќе бидеме подобри и за другите околу нас. Треба да веруваме дека сè што ни се случува се случува со некоја причина и сè е за наше поголемо добро - посочува Надица.
Надица по професија е магистер инженер-архитект. Повеќе од шест години работела како стјуардеса во авиокомпанијата „Катар ервејз“, а од 2017 година, кога компанијата отворила седиште во Скопје, добила можност да се врати дома и да работи тука. Вели дека и покрај тоа што го пропатувала речиси целиот свет, носталгичното чувство и љубовта кон сопствената земја постојано ја воделе.
Покрај трчањето, таа има и уште едно хоби. Изработува албуми во форма на коцка за секакви подароци, кои ги објавува на својата страница на социјалната мрежа „Инстаграм“, наречена
Кутија полна љубов.