Пекинг, како и многу од поголемите градови во светот, може да изгледа како дистописко место од пеколот. Градот се шири за да ги смести своите 21 милион жители. Зградите никнуваат и се рушат во рок од само неколку месеци, што е продукт на непроверен економски развој. Загадувањето го задушува градот, правејќи го воздухот смог додека минува меѓу облакодерите.
Пекинг
Фото: Pixabay
Неодамна кинеската влада утврди дека овие проблеми се продукт на пренаселеноста. Затоа реши да го ограничи бројот на население во двата најголеми града - Пекинг и Шангај, во обид да го одржи бројот на жители на 23 и 25 милиони до 2035 година.
Тука има здрава логика. Помалку луѓе значи помало загадување на воздухот, поголем пристап до медицинските услуги и до јавниот превоз. Сè на сè, луѓето ќе бидат посреќни и поздрави ако се во помал број. Во рамките на планот, властите од Пекинг работат на превенција на метеоролошка катастрофа, градејќи пристапни домови и охрабрувајќи ја употребата на немоторизирани возила.
Сепак, во реалноста, руралните мигранти, кои се селат во градовите барајќи повисоки плати и подобар живот, се оние што страдаат. Властите презедоа остри мерки против илегалното вдомување, нерегистрираните продавници и уличните продавачи и веќе десетици илјади мигранти си заминаа од Пекинг. Бирократијата забранува пристап до училиштата за деца на мигранти, кои мора да покажат специјален документ за лична идентификација, наречен хукоу, а поврзан со родното место на нивните родители. Поради таканаречениот „Систем на пет документи“, 30 отсто од учениците мигранти или деца на мигранти останале пред портите на училиштата во Пекинг.
Според некои податоци, населението во Пекинг се намалило за 20.000 во периодот меѓу 2016 и 2017 година. Населението на Шангај, пак, се намалило за 10.000 жители.
Фамилиите се принудени да се разделат. Децата се враќаат во руралните средини, каде што имаат пристап до училиштата, додека родителите работат во големиот град, каде што платите се повисоки. И додека новите мерки ги бркаат сиромашните, градовите стануваат сè понегостопримливи за оние со ниски примања што остануваат.
„Оваа урбана џентрификација не е добра за градот. Побарувачката и потребата за помалку платена работа сè уште ќе постојат, но тие луѓе ќе живеат сè подалеку и подалеку од центарот на градот и ќе мора да трошат повеќе време за да стасаат на работа - вели Јан Сонг, директорот на програмата за кинеските градови при Универзитетот од Северна Каролина.
Џентрификација е процес во кој поевтините згради или цели делови од еден град, најчесто тоа се работнички населби, се претвораат во скапи згради за припадниците на средната класа, кои се доселуваат на местото на оригиналното население, кое не може да си ги дозволи зголемените трошоци за живот.
Намалувањето на пренатрупаноста во најголемите градови во светот е важна цел, особено затоа што урбанизацијата ќе стане нешто што не ќе може да се менаџира во многу делови од светот. Но, држењето на сиромашните луѓе надвор не е начин на кој треба да се направи тоа. Нееднаквоста не носи раст, само ја влошува
нестабилноста.