Новото истражување на израелските научници укажува дека во многу скоро време одредени капки за очи со
наночестички би можеле значително да го подобруваат видот, така што воопшто ќе немаме потреба од очила.
Тимот офталмолози од Универзитетот „Бар-Илан“ во Рамат Гана и медицинскиот центар „Шаре Зедек“ ги создале и ги тестирале „нанокапките“ кои во комбинација со ласер ќе ја подобруваат кратковидоста и далековидоста.
Клиничките тестирања на луѓе би требало да почнат на крајот од оваа година, а постапката ќе се состои од три чекори.
Првиот чекор ќе биде апликација на паметниот телефон на пациентот која ќе ја мери реакцијата на очите, односно прекршувањето на светлосните зраци во диоптрискиот механизам во окото, што ни овозможува создавање слика на рожницата. Потоа ќе се создава ласерски примерок кој ќе се проектира на површината на рожницата. Тој хируршки зафат ќе трае помалку од една секунда.
Потоа пациентот ќе добива посебни капки со наночестички кои ќе навлезат во плиткиот, горен слој кој настанал со аблацијата на површината на рожницата. Капките ќе го менуваат прекршувањето на светлината, што ќе го коригира проблемот со видот кај пациентот.
Најдоброто во целата приказна е дека луѓето што имаат проблем со видот ќе можат сами да ги употребуваат капките во домашни услови, без асистенција од лекар.
Со оглед на тоа што се работи за неагресивен третман, единствен недостаток на овој зафат ќе биде тоа што окото постепено самото ќе се лекува, така што подобрувањата ќе се намалуваат. Поради тоа, пациентот ќе мора да го повторува целиот процес на секои два месеца, доколку сака да има беспрекорен вид.