X
 18.03.2021 Здравје

Лекарската комора бара построги мерки и протоколи за Ковид-19

Лекарската комора ги повика граѓаните да ја препознаат сериозноста на состојбата со Kовид-19 и да им помогнат на лекарите во борбата со вирусот со тоа што доследно ќе ги почитуваат мерките за заштита, а апелира до Комисијата за заразни болести сериозно да го земе предвид воведувањето дополнителни рестриктивни мерки и протоколи. Според комората, само заедно, со почитување на мерките за заштита може побрзо да се спречи ширењето на вирусот.
Според комората, Комисијата за заразни болести треба сериозно да размисли за воведување дополнителни рестриктивни мерки.

- Свесни сме дека овие мерки се крајно непопуларни, но во интерес на одржливост на болничките капацитети и зачувување на јавното здравје, како здравствени професионалци, сметаме дека нивното воведување е повеќе од потребно. Само со холистички пристап и земање на сите фактори предвид и со промптна реакција на сите полиња можеме целосно да се избориме со вирусот - соопшти Лекарската комора.

Оттаму потсетуваат на мерките за заштита - држење безбедна дистанца, носење заштитна маска, почесто миење на рацете и одбегнување на групирања и собирања, особено во затворен простор.
- Во услови кога сѐ уште се очекува да бидат обезбедени вакцини за поширок опфат на населението, единствено со придржување до овие едноставни мерки може пандемијата за кратко време да се стави под контрола - стои во соопштението.

Од комората велат дека болничките капацитети со болни од Ковид-19 се пополнети и се доведува во прашање одржливоста на здравствениот систем, бидејќи меѓу заболените има и здравствени работници.

- Само од први март, кога имало 8.369 регистрирани активни случаи, до денес оваа бројка е веќе искачена на 12.819 болни. Паралелно растат и бројките на пациенти кои поради сериозноста на здравствената состојба и компликациите предизвикани од Kовид-19 имаат потреба од болничко лекување. Капацитетите на болниците речиси се исполнети, секојдневно бараме дополнителен кревет за згрижување на тешко болните. Голем проблем за одржливоста на здравствениот систем претставува и намалувањето на бројот на активни здравствени работници, бидејќи и меѓу нив расте бројот на заразени и на оние што се во самоизолација, а дополнително е и тоа што се соочуваме и со премореност, бидејќи епидемијата трае многу долго. Голем дел од кадарот кој работи во ковид-центрите одамна не работи по систем на ротации, а многу здравствени работници немаат користено годишен одмор - соопшти Лекарската комора.

Оттаму додаваат дека во услови кога е намален бројот на здравствени работници, лекари, медицински сестри и болничари, кои треба да се грижат за зголемен број пациенти со Ковид-19, ќе опаѓа и квалитетот на здравствената грижа што ја добиваат, а со ангажирање на болничките капацитети за лекување на ковид-болните, на минимум ќе биде сведено лекувањето и дијагностицирањето на луѓето што имаат други болести. Според комората, со тоа дополнително се загрозува здравјето на целото население.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје