X
 18.10.2020 Живот

Фотограф успеа да овековечи уникатен момент од средба меѓу гризли мечка и волк

Националниот парк Јелоустоун отсекогаш нудел спектакуларни глетки, а неодамнешната особено им го привлече вниманието на луѓето.

Имено, гризли мечка уживала во својот еднонеделен оброк, повлекувајќи го пленот на брегот на реката. Бидејќи областа е добро видлива од околината, ова место е одлично за фотографите кои сакаат да направат интересни фотографии.

Но, една прилично интересна снимка е од средбата меѓу мечката и еден волк што успеал да ја направи фотографот Сет Ројал Крофт.

Откако слушнал дека мечката се наоѓа покрај реката со својот плен, фотографот сакал да ја искористи можноста да го види тоа преку леќите на неговата камера. Со вклучен аларм за 2 часот по полноќ, тој бил на пат кон местото, каде што пристигнал во 6 часот наутро. Како што раскажува Сет, сѐ уште било темно кога пристигнал, па така тој ја чекал зората за да почне да фотографира. И како да не била доволна глетката, природата одлучила да го воодушеви и со нешто друго - од шумата се појавил сив волк, веројатно насетувајќи го пленот на мечката. Така Сет имал можност да направи прилично неверојатни фотографии.

1

За него, ова била прва блиска средба со волк.

- Беше многу возбудливо. Имав сретнато црни мечки додека кампував, но тие се релативно безопасни во повеќето ситуации. Само неколку пати имам сретнато гризли мечка во паркот Јелоустоун - вели тој.

Сивиот волк се појавил околу 20 минути пред изгрејсонце, па сè уште било малку темно. Сè на сè, волкот се враќал и заминувал неколку пати во наредните неколку часа.

3

3

Сет вели дека мечката воопшто не се грижела за натрапникот.

- Мечката знаеше дека волкот не претставува никаква закана. Се чинеше дека волкот има палаво, разиграно однесување. Како да е игра. Полека ќе се приближеше до пленот колку што можеше повеќе, на растојание од неколку сантиметри, пред мечката да го натера да се повлече - вели Сет.

Фотографот вели дека волкот четири пати се обидел да ѝ се доближи на мечката, но практично без резултат, па затоа подоцна исчезнал во шумата.


Извор: Bored Panda
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот