X
 20.02.2023 Живот

Родителите на учениците од МИГ, кои се незадоволни од изборот на професори, денеска ќе се сретнат со министерот Јетон Шаќири

Родителите на учениците од Математичко-информатичката гимназија (МИГ) пред десет дена излегоа на протест пред Министерството за образование и наука, незадоволни од изборот на професори по стручни предмети по огласот во нивното училиште, а денеска ќе се сретнат со министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Родителите добиле покана во петокот за средба со првиот човек во образованието откако им било исполнето едно од барањата по неколкудневниот бојкот на наставата – да се врати на настава професорката која била најдобар избор на конкурсот.

На почетокот на второто полугодие учениците во МИГ немаа настава по осум стручни предмети затоа што наставниците што им ги држеа предавањата не биле реизбрани на конкурсот кој се распишува пред секое полугодие.

- Првиот услов да се врати професорката која беше најдобар избор на конкурсот е исполнет. На конкурсот беше примена професорка која не е доктор на науки по предметот што се предава иако тоа е еден од строгите критериуми затоа што тука учат талентирани ученици. Училиштето нѐ извести дека изборот бил во ред, но професорката која ги исполнуваше условите, а не беше избрана, се пожали до Просветниот инспекторат, кој на терен утврди дека изборот не бил правилно извршен - истакна еден од родителите на ученик кој доаѓа од Охрид.

Вториот услов кој ќе му биде посочен и на министерот Шаќири е менување на професорка која предава пет стручни предмети во моментов и според децата, ги предава со многу лош квалитет.
- На нејзино место за истите предмети конкурираа тројца професори и сите беа одбиени. Еден од нив беше и основач на школото и предаваше со голем успех. Никој од нив не добил образложение зошто е одбиен. Директорката немала обврска да ни дава објаснување за одлучувањето, кое ѝ било ексклузивно право. Третото барање е оставка на директорката – истакна родителот.

Некои родители велат дека децата се под стрес бидејќи не можат да се фокусираат на учењето и ако не се решат проблемите, најавуваат и отпишување на децата.

- Тоа се одбрани талентирани ученици кои сакаат знаење, а со некои професори тапкаат в место или назадуваат. Училиштето и програмата се многу добри. Но, не може тој што ја направил програмата да не е квалификуван на конкурсот и наместо него да се прими друг професор – реагираат родителите на учениците од МИГ.

Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот