Во регионот Земја на Кралицата Мод, каде што дуваат ветрови со брзина од 250 километри на час и на околу 8.200 километри од најблискиот град, се наоѓа белгиската истражувачка станица „Принцезата Елизабет“, која се напојува од моќта на сонцето и ветрот.
Во источниот дел на Антарктикот во зима температурите честопати се пониски и од -50 степени. Апсолутниот минимум на Антарктикот и на Земјата е -89,2 степени, измерен во 1983 година на станицата „Восток“: Но, без разлика на температурите, и во овој студен дел од светот живеат луѓе кои најчесто се дел од научноистражувачките станици и базите за снабдување. Тука живеат околу 4.000 луѓе. Освен нив, други населби нема.
Поголемиот дел од Антарктикот е покриен со мраз, кој најверојатно потекнува од ледената доба, а поради неговата тежина, многу делови од Антарктикот лежат под нивото на морето. Кога станува збор за географијата, Антарктикот се состои од источен, кој е поголем дел, и западен, кој е помал. Тие се одделени со раседна линија, која се протега од Росовото Море до Веделовото Море.
Источниот дел, кој зафаќа три четвртини од вкупната површина на Антарктикот, се смета за дел од стариот континент Гондвана, за што сведочат фосилните остатоци. Интересно е и тоа што Антарктикот не е единствен ентитет, туку островски архипелаг со дебела ледена покривка.
На околу 8.200 километри од најблискиот град се наоѓа белгиската истражувачка станица „Принцезата Елизабет“, станица која е во хармонија со природата: не испушта штетни гасови, а потребната енергија ја добива благодарение на сонцето и ветерот. Отворена на почетокот на 2009 година, станува збор за понова станица за поларни истражувања. Иако е млада, таа е првата поларна истражувачка станица во светот со нулта емисија, која се потпира единствено на обновливите извори на енергија во една од најтешките средини во светот.
Фото: International Polar Foundation
Покрај своите квалитети, фасцинира и со својот изглед - на прв поглед изгледа како вселенски брод кој штотуку слетал во леден пејзаж. Нејзините елегантни сребрени панели кои ја рефлектираат светлината може да се најдат во регионот на Земја на Кралицата Мод, каде што дуваат ветрови со брзина од 250 километри на час.
Станицата, управувана од Меѓународната поларна фондација со седиште во Брисел, се наоѓа на гребен до планинскиот венец Сор Рондона и е пофреквентна од вообичаеното во текот на летните месеци од ноември до февруари. Тогаш глацијалниот пејзаж неуморно сјае на сонцето. Во тој период, истражувачи од Белгија, Франција, Германија, Турција, Индија и САД ги користат околните планини, брегот, глечерите и висорамнината на Антарктикот за различни истражувања, смислувајќи решенија против климатските промени.
И додека некои остануваат по неколку недели, главниот готвач Дуконсеј е таму цели четири месеци. Оваа година е неговата седма сезона на Антарктикот.
- Сами приготвуваме печен леб. Свежиот леб ни е важен. Сакам да правам бриоши полни со чоколадо за појадок - вели Французинот Дуконсеј.
Бидејќи истражувачката станица е на шестчасовен лет од најблискиот град Кејптаун, Јужна Африка, Дуконсеј замрзнува месо, риба и зеленчук за да траат цела сезона. Јајцата ги чува во сандаци од пет литри, и тоа белките одвоени од жолчките. Свежи намирници пристигнуваат од Кејптаун еднаш месечно, ако дозволат временските услови.
Фото: International Polar Foundation
- Се навикнав да чекам свежа храна цел месец. Кога почнав да работам, ми беше тешко бидејќи свежата храна се троши за брзо време. Сега, од искуствo знам која храна прво ќе се расипе, па затоа прво јадеме свежи салати. До четвртата недела успеваме да се храниме добро - вели готвачот, кој приготвува празнични јадења за посебни пригоди како Божиќ и Нова година.
Во станицата живеат меѓу 20 и 30 члена на екипажот, но низ годините капацитетот се прошири на 45 до 50 луѓе. Членовите на екипажот наизменично му помагаат на Дуконсеј во кујната со поставување на масата, бришење и ставање садови или лупење компири. Без разлика на надморската височина од 1.364 метри, станицата е пријатно топла благодарение на квалитетните материјали од кои е изградена. Во текот на летните месеци нема потреба од греење бидејќи температурата достигнува до 21 степен. Хибридниот систем од девет турбини на ветер и 408 соларни фотоволтаични панели ја напојува станицата.
Фото: International Polar Foundation
За да стигне до станицата, екипажот лета од Кејптаун со специјален авион за транспорт на товар и маневрирање на замрзнати писти. Летот трае нешто повеќе од шест часа, а потоа од пистата до станицата се потребни 90 минути.
Со речиси нереална природа, растенија и животни, Антарктикот е најизолираниот континент во светот и изгледа како сосема друга планета. Иако станицата е удобна и добро опремена, екстремната изолација, непредвидливото време и одвоениот живот од најблиските можат да ги исцрпат дури и најхрабрите. Готвачот смета дека храната е важен фактор за луѓето преку неа да се утешат и барем да се потсетат на својот дом.
Извор:
CNN
Фото: International Polar Foundation