Флексибилно работно време, заминување од работа во петок во 14:00 часот, слободни денови за различни пригоди, работа на далечина, дрес-код кој дава поголема слобода во изборот на облека и личниот изглед на вработените, активности и иницијативи поврзани со физичкото и психичкото здравје, прославување на успесите и одбележување на важните моменти, приватно здравствено осигурување и трет пензиски столб, се само дел од практиките што ги воведовме со цел да придонесеме кон добросостојбата на вработените, вели во интервјуто за Факултети.мк Дејан Маџоски, директор за човечки ресурси во НЛБ Банка, банката која е на врвот на најпосакуваните работодавци меѓу финансиските институции во земјава.
НЛБ Банка е најпосакувана банка за работа во земјава. Што е тоа што ве издвојува од вашите конкуренти, па и од другите компании на пазарот генерално?
- Иако во равенката придонесуваат повеќе различни фактори, би рекол, пред сè, искрениот и отворен пристап кон вработените базиран на вредностите на нашата организациска култура. НЛБ Банка секогаш е препознавана како напредна компанија која се грижи за своите вработени. А тоа значи грижа од самиот почеток, т.е. воведните програми и обуки од денот на нивното вработување, понатаму грижата за нивниот раст и развој, па сѐ до наградувањето и добросостојбата.
Свесни сме дека мотиваторите и потребите на луѓето постојано се менуваат, а во овој турбулентен период и со многу поголема брзина од претходно, па затоа постојано работиме на оцена на успешноста на нашите постојни практики и го согледуваме просторот за воведување нови, современи практики кои ќе донесат дополнителна вредност за нашите вработени.
Сето ова, надополнето со партнерскиот однос со вработените и отворената двонасочна комуникација на сите нивоа, ја поставува основата на нивната поврзаност со банката и начинот на кој тие ја доживуваат.
Она што нѐ радува е дека тоа се препознава и се цени, па така само во изминатите месеци НЛБ Банка се закити со неколку признанија, вклучувајќи ги и реномираните „Банка на годината“ според The Banker (11. досега), „Најдобра банка во Македонија“ на 15. „Европски банкарски награди“ (7. по ред) и признанието за Најпосакуван работодавец помеѓу финансиските институции во Македонија според Вработување.ком.
Го споменавте растот и развојот на вработените, кои можности се достапни за професионално напредување во НЛБ Банка?
- Растот и развојот на нашите луѓе е еден од приоритетите на кои постојано работиме и вложуваме. Тука зборуваме за развојот на нивните компетенции, вештини и знаења, но и стекнување на искуствата неопходни за извршување на сегашните и идните работни задачи. Во зависност од индивидуалните и тимските потреби, мерките за развој се достапни за сите наши вработени, а ние ги охрабруваме да бидат проактивни во идентификување на потребите за развој. Зборувајќи за мерките за развој кои ги користиме, тука палетата е навистина широка, почнувајќи од класични обуки, менторство и коучинг, па сѐ до електронски обуки, самостојно учење, размена и стекнување искуства во рамките на НЛБ Банка или некоја од сестринските банки во рамки на НЛБ Групацијата. Така, само во 2022 организиравме околу 150 развојни активности со околу 50.000 часа поминати на обука.
Дополнително, покрај конвенционалните вештини и знаења, работиме и на унапредување на вештините на иднината, т.е. дигиталните вештини, управувањето со податоците, разбирањето на вештачката интелигенција и учењето на машините со цел нивно искористување во обезбедување подобри услуги и продукти за нашите клиенти.
Што се однесува до кариерниот развој, покрај класичниот хиерархиски раст, сѐ поинтересни стануваат и т.н. специјалистички патеки преку кои вработените добиваат можност да станат водечки експерти во својата област. Со дигитализацијата и воведувањето на новите технологии, токму овој раст е нешто кон што сѐ повеќе се насочуваме нудејќи различни можности кај нас и во рамките на Групацијата. Во овој контекст, само во минатите две години неколку наши вработени зазедоа високи раководни и експертски позиции во рамките на Групацијата, а колеги од другите земји беа назначени во Македонија.
На крајот, согледувајќи ја улогата на лидерите во организацијата, поставуваме посебни програми за развој на лидерските вештини кои треба да ни помогнат да ги изградиме лидерите на иднината како главни промотори на нашите вредности и култура.
Денес, сѐ поактуелни се прашањата околу добросостојбата на вработените и рамнотежата помеѓу работата и приватниот живот. Што е тоа што вие го правите за да го обезбедите овој баланс?
- Добросостојбата на вработените е тема на која сѐ повеќе се зборува и работи. Едноставно, промените што корона-кризата и периодот потоа ги донесоа направија луѓето сѐ повеќе да ја ценат својата добросостојба, а компаниите да посветуваат сѐ повеќе внимание на неа. Ние воведовме практики со кои сакаме позитивно да влијаеме врз добросостојбата на вработените. Една од овие практики е флексибилно работно време кое им овозможува на вработените да го приспособат времето на доаѓање и одење од работа според сопствените потреби. Оваа промена, меѓу другото, предвидува и заминување од работа во петок во 14:00 часот. Со цел оваа практика да биде одржлива, воведуваме и правила за одржување состаноци кои воведуваат временска рамка кога може да се одржуваат состаноците.
Понатаму, покрај редовните денови за годишен одмор и другите слободни денови предвидени со колективен договор и други акти, воведовме дополнителни слободни денови, на пример, слободен ден за роденден, со цел вработените да можат овој ден да го поминат како сакаат.
За да им овозможиме на вработените да ја изразат својата индивидуалност и да се чувствуваат што попријатно додека се на работа, пред извесно време воведовме и нов начин на облекување, односно дрес-код кој дава голема слобода во изборот на облека и генерално личниот изглед.
Тука се и низа практики и активности кои верувам дека ги практикуваат добар дел од другите компании, како што се работа на далечина, активности и иницијативи поврзани со физичкото и психичкото здравје на вработените, прославување на успесите и одбележување на важните моменти итн. А грижејќи се за сегашноста и за иднината на нашите вработени, за сите е достапно приватно здравствено осигурување и трет пензиски столб.
Ги споменавте корпоративната култура и вашите вредности како едни од адутите за привлекување и задржување на кандидатите. Може ли да ни кажете нешто повеќе за нив?
- Да, веќе извесен период работиме на воведување и заживување на новите вредности и култура на НЛБ Банка за кои веруваме дека ни помагаат да создадеме позитивна работна околина во која секој од вработените ќе сака да работи и да придонесува. Тајната на вредностите е во нивната едноставност и практичност. Тие зборуваат за растот и развојот на луѓето, подобрување на нивните животи, воведување одржливи практики и поттикнување на иновациите и креативноста преку охрабрување на претприемништво. Ние ги цениме различностите и посветуваме големо внимание на диверзитетот и градењето инклузивна средина со еднакви можности за секого.
Со ова работиме и на креирање здрав тимски дух кој ни помага да се справиме со предизвиците што стојат пред нас, а секако и да се забавуваме кога е време за тоа. Во таа смисла, минатите неколку месеци голем број наши колеги учествуваа во низа спортски игри, почнувајќи од спортските игри на НЛБ Банка, спортските игри на финансиските организации во Македонија, спортските игри на НЛБ Групација и т.н. Бофосијада, односно спортски игри на финансиските организации од Србија и Македонија. Само на групациските спортски игри во Словенија отпатуваа и учествуваа повеќе од 100 вработени на нашата Банка, а за забава и добра музика се погрижи нашиот бенд составен од колеги - „The Bankers“ кој настапи пред публика од над 1.000 вработени од целата НЛБ Групација.
Резултатот на нашиот тимски дух на сите овие игри се отсликува со десетици златни, сребрени и бронзени медали, и секако многу забава и дружење.
Одливот на младите од земјава е еден од најголемите проблеми со кои се соочуваме. Несомнено тоа е огромен предизвик и за компаниите кои се во потрага по нови кадри. Како гледате на пазарот на трудот денес и дали и вие се соочувате со недостиг на работна сила?
Недостигот на работна сила станува глобален проблем и тоа не само поради бројот на кандидати достапни на пазарот на труд, туку сѐ повеќе и поради недостигот на вештини и знаења потребни за новите работни места. Во таа насока активни сме на неколку полиња. Првото е поврзано со кандидатите и тука работиме на креирање средина која ќе ги привлече посакуваните профили на вработени. Секако, користиме и различни канали за да стигнеме до кандидатите затоа што само огласувањето на отворените позиции е одамна надминато и недоволно.
Второто поле, кое станува сѐ поважно, е надградбата и преквалификацијата на вработените за вештините и компетенциите потребни за променетите работни места и за специфичните работни места за кои изборот на пазарот на труд е оскуден.
Понатаму, многу ни е важен и фокусот на младите генерации, на кој работиме преку соработка со високообразовните институции и посебните програми за пракса. Активни сме на кариерните денови и саемите за вработување, но и проактивно преземаме наши иницијативи. Така, согледувајќи го трендот на сѐ поголем одлив на младите во странство, во текот на март оваа година, во соработка со Економскиот факултет од Љубљана, организиравме презентација и дружење со македонските студенти на Универзитетот во Љубљана со цел да им ги претставиме можностите за вработување и развој кај нас и да ги мотивираме да се вратат назад во Македонија по завршување на студиите. Дел од студентите остварија летна пракса во НЛБ Банка во текот на минатите неколку месеци.
Покрај редовните пракси, оваа година традиционално ја одржавме и летната школа за децата на нашите вработени, овозможувајќи им на триесетина студенти и средношколци да остварат пракса во НЛБ Банка.
Зошто еден млад и амбициозен човек би требало да ја избере НЛБ Банка како место за вработување и градење на својата кариера?
- Би рекол дека НЛБ Банка е одлично место за вработување и градење на кариерата. Ние сме современа и динамична компанија која ги следи и поставува трендовите во својата сфера на работење. Работиме по модерни практики и постојано сме насочени кон подобрување и иновации. Ја имаме домашната локална компонента, како една од најценетите компании во Македонија, но исто така сме дел и од една од најголемите регионални групации што на вработените им овозможува размена на искуства и знаења, како и можност за интернационална кариера и надградба.
Ние сме, би рекол, домашна банка со интернационален шмек и еднакви можности за секого. Едноставно модерна компанија во која секој може да ги оствари своите потенцијали. Како компанија се трудиме да го имаме вработениот во центарот на нашето внимание грижејќи се за неговиот развој и севкупна добросостојба, што и се отсликува преку лојалноста на нашите вработени, тимскиот дух и резултатите што ги остваруваме.