Во 2020 година, во екот на пандемијата на коронавирусот, на Клиниката за кардиохирургија во
Скопје, првпат во нашата земја, беше изведена
трансплантација на срце, односно пресадување на органот од починат донор. Операцијата траеше 6 часа, а по неа следуваа повеќе
операции за пресадување органи од починати донори. Во време кога недостигот од органи ги принудува научниците да смислуваат различни решенија за да се спасат што е можно повеќе животи, во Македонија на виделина излезе
хуманоста на фамилиите кои даваа согласност
органите од нивните најмили да бидат искористени за спасување нечии животи.
Сето ова нè инспирира да истражиме колку во регионот се донираат и трансплантираат органи, па можеме слободно да кажеме дека ова е поле на кое земјава бележи напредок.
Според меѓународниот регистар за органодарителство и трансплантации, Хрватска е лидер во регионот кога станува збор за пресадувањето органи. Според податоци од 2021, во Хрватска биле пресадени најмногу органи - 277. Од друга страна, истата година најмалку пресадувања биле извршени во Србија - 8. Во продолжение се некои податоци од регистарот за пресадување органи во 2021. Во регистарот недостигаат податоци за Албанија и Косово.
Македонија
Во 2021 во Македонија биле пресадени вкупно 23 органи. Од нив, 16 биле бубрези, а останатите седум биле срца. Сите пресадени органи биле од вкупно осум починати донори. Според податоците, таа година имало 12 органи од живи донори, но тие не биле искористени.
За споредба, десет години порано, во 2011 година, во Македонија биле пресадени осум органи. Пресадените органи биле бубрези и сите биле од живи донори.
Хрватска
Хрватска е дефинитивен лидер во регионот кога станува збор за пресадувањето органи во 2021 година. Таа година биле пресадени вкупно 277 органи. Најчесто биле пресадувани бубрези - 124. Биле пресадени и 104 црни дробови, 34 срца, девет бели дробови и шест панкреаси. Имало пет живи донори, а 121 починат донор во Хрватска во 2021.
Според хрватските лекари, Хрватска трансплантира околу четири пати повеќе срца на милион жители од Велика Британија, а два и пол пати повеќе од Германија.
- Оваа година трансплантиравме срце кај двајца браќа близнаци и двајцата се многу добро. Тоа е реткост и во светот, на двајца браќа во иста година со трансплантација на срце да им се спаси животот - истакна неодамна Јасна Брезак, координаторка на трансплантациски тим во Хрватска.
Меѓутоа, бројот на пресадени органи во Хрватска во 2021 претставува намалување во однос на 2011, кога имало дури 411 пресадувања на органи.
Србија
Во Србија биле пресадени вкупно осум органи во 2021, од кои пет бубрези и три црни дробови. Пресадените органи биле од вкупно три починати донори. Немало ниту еден жив донор на органи.
Нема податоци за пресадување органи во претходните години.
Српските медиуми минатиот месец пренесоа дека околу 2.000 лица во земјата чекаат шанса за нов живот и дека трансплантацијата на органи е замрена. Според пишувањата, последната трансплантација на срце во Србија е направена на почетокот на 2021 година, а во текот на август истата година трансплантиран е еден црн дроб. Мнозинството Срби не сакаат да дадат согласност за донирање на органите од починат член на фамилијата и со тоа лишуваат многу луѓе од шанса за продолжување на животот.
Поразувачки податок е што од почетокот на 2022 година до средината на декември во Србија е направена само една кадаверична трансплантација и тоа на бубрег, пишуваат тамошните медиуми.
- Колку што знам, годинава имаше десетина потврдени случаи со мозочна смрт, но ниедна фамилија не потпиша согласност за донирање на органите. Мислам дека не сме ја изгубиле хуманоста, ни емпатијата, туку дека нашите граѓани не се доволно упатени. Поради незнаење, произлегуваат стравови, теории на заговор и предрасуди. Исто така, некои поими како мозочна смрт не се доволно разјаснети. Голем проблем е што на листата имаме многу млади лица (меѓу 25 и 30 години) во поодминати стадиуми на болестите - објаснува проф. д-р Ѓорѓе Чулафиќ.
Бугарија
Во 2021 г. во Бугарија биле пресадени вкупно 48 органи, од кои 14 биле од живи донори, а останатите 34 биле од починати. Вкупно 33 од трансплантациите биле на бубрег, 13 на црн дроб, а две на срце. Имало 17 починати донори, а 14 живи донори.
Во 2011 г. во Бугарија имало 25 пресадувања на органи од 12 живи донори и четири починати донори.
Грција
Биле пресадени вкупно 217 органи во Грција во 2021 година. Најголем дел од нив - 175 - биле бубрези, 24 биле црни дробови, 13 биле срца, а пет биле бели дробови. Имало 91 жив донор, а 52 починати донори таа година.
Десет години претходно, во 2011 година, имало 231 трансплантација на органи, што значи дека бројот на пресадени органи се намалил во таа деценија.
Фото: Freepik
Босна и Херцеговина
Во 2021 г. имало само 11 пресадувања на органи во Босна и Херцеговина, од кои 10 биле бубрези, а еден црн дроб. Имало вкупно осум живи донори, а само еден починат донор. Достапни се податоци уште само за 2017 година, кога имало вкупно 17 трансплантации на органи.
Во октомври минатата година, на листата на чекање за трансплантација на органи во Босна и Херцеговина имало 300 пациенти, пренесуваат тамошните медиуми. Според Елдина Софтиќ, потпретседател на Здружението за пациенти на дијализа и со трансплантирани органи, ситуацијата е влошена во однос на претходно, а главен проблем во земјата е непостоењето на закон кој ја регулира областа. Освен тоа, нивото на свест за значењето на органодарителството е ниско во земјата, според неа.
Словенија
Во 2021 г. во Словенија биле пресадени 105 органи од 41 починат донор и еден жив донор. Вкупно 52 од трансплантациите биле на бубрег, 21 на црн дроб, 17 на срце, а 15 на бели дробови. За споредба, во 2011 биле направени 81 трансплантација на органи, а сите биле од починати донори.
Словенија има одлични резултати кога станува збор за бројот на пресадени органи на годишно ниво, но чекањето е предолго, изјавија локалните медиуми. На крајот од 2021, на листата на чекање за орган биле 186 пациенти, а просечното време на чекање за срце тогаш било 239 дена. Во случај кога е потребна итна трансплантација, просечното време на чекање е 56 дена. За црн дроб просечно се чека 268 дена, а за бубрег 300 дена.
Истовремено, во 2021 во Словенија имало 11.299 жители кои дале дозвола за користење на нивните органи по смртта.
Извор:
IRODaT |
index.hr |
eklinika.rs |
dnevni.ba | zdravstveniportal.si
Насловна фотографија: Freepik