Истражувачите кои користат радар што продира во земјата (ГПР), заедно со томографија со електрична отпорност (ЕРТ), го откриле она што го опишуваат како „аномалија во облик на Л (L)“ на западните гробишта во близина на Големите пирамиди во Гиза, Египет.
Меѓународниот тим на истражувачи, предводен од Мотојуки Сато од Универзитетот „Тохоку“, тврди дека пронашол претходно неоткриени структури на приближно 6,5 метри од површината. Структурите се откриени под кралските гробишта во близина на вековната Голема пирамида во Египет. Тимот се сомнева дека структурите се вештачки направени и дека биле наполнети по изградбата.
Според нив, додека областа на аномалијата е повеќе или помалку утврдена, „структурата и локацијата биле нејасни“.
Што сметаат истражувачите?
Според трудот објавен од истражувачите, „плитката структура, која е во облик на Л (L) во хоризонталната рамнина, 10 на 10 метри, била јасно снимена со ГПР. Се чини дека плитката структура е исполнета со песок, што значи дека најверојатно била наполнета по изградбата. Истражувачите велат дека можеби служела како влез во подлабоката структура.
Подлабоката структура, пак, според тимот, има длабочина до 2 метра од површината на земјата.
- Под оваа структура ЕРТ открива високо електрично отпорна аномалија, која се протега на површина од 10 на 10 метри. Длабочината на структурата е од 5 до 10 метри под површината. Електрично отпорниот материјал во песочната дина може да биде мешавина од песок и чакал, вклучувајќи редок простор или воздушни празнини - се наведува во трудот.
Тие споменале дека и ГПР и ЕРТ како техники не успеале да ги идентификуваат својствата на аномалијата. Областа за истражување е јужно од мастаба Г4000 (мастаба - тип на древна египетска гробница во форма на рамен покрив), која е позната како гробница на принцот Хемиуну.
Заклучоци извлечени од истражувањето
- Веруваме дека е важен континуитетот на плитката структура и длабоката голема структура. Од резултатите од истражувањето не можеме да го утврдиме материјалот што ја предизвикува аномалијата, но можеби станува збор за голема подземна археолошка структура - велат истражувачите.
Тие се надеваат на детално ископување на локацијата, преку кое може да се утврди природата на овие структури. Исто така, сакаат да се осигурат дали пронајдените структури се вештачки, па ако се, тогаш би извршиле процена за каква цел служеле.
- Западните гробишта во Гиза се познати како важно место за погребување на членовите на кралското семејство и офицери од висока класа - се наведува во извештајот. Ова треба да доведе до зголемен интерес за истражување на локалитетот.
Извор: Interesting engineering
Фото: Freepik