Тоа што во главниот град на државата нема превоз го попречува основното право на учениците да се образоваат, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, прашана за проблемот со градскиот превоз во Скопје.
- Анализата на Министерството од е-Дневникот покажа дека нема значајна разлика на неоправдани изостаноци во овој период во споредба со истиот период минатата година. Претпоставувам дека учениците и родителите прават најдобро што можат, односно се организираат за нивните деца да стигнат на училиште, но и наставниците имаат разбирање за ова што се случува. Состојбата е многу лоша и срамота е во главниот град на Македонија да им се оневозможи правото на учениците да добијат соодветно образование што е загарантирано право и со Уставот - изјави Јаневска, додавајќи дека е недозволиво сите напори што ги прави Министерството за образование и наука, промените за подобрување на квалитетот на образованието, да бидат спречувани поради неорганизираност на градските власти.
Изрази надеж дека градските власти сериозно ќе ја сфатат оваа ситуација и итно ќе најдат соодветно решение.
Министерката рече дека ги поддржува студентите кои најавија дека ќе се приклучат на протестот пред Град Скопје, доколку не се реши проблемот со градскиот превоз.
- Студентите се апсолутно во право, имаат право својот револт на каков било соодветен начин да го изразат и ако ова е единствениот начин да најдат решение за нивниот проблем, јас ги поддржувам - одговори Јаневска.