X
 22.07.2024 Здравје

Екстензиите на трепките може да бидат многу опасни, предупредува експерт

Адам Тејлор, професор и раководител на Клиничкиот центар за учење анатомија при Универзитетот во Ланкастер, пишува за опасностите што ги носат модерните екстензии на трепките.

Ултрадолгите, тенки трепки се во мода, но дали вредат за парите и ризикот за здравјето?

Нашите природни трепки вршат важни функции. Окото е изложено на надворешни влијанија и е прозорец за бактерии и вируси кои може да влезат во телото. Трепките ги штитат нашите очи преку пренасочување на воздухот од површината на очното јаболко, држејќи ги честичките од воздухот надвор од окото преку тоа што трепкаме, како и осигурувајќи навлажнетост на очното јаболко.

Екстензиите на трепките се индивидуални влакна прикачени на секоја природна трепка. Екстензиите може да се направени од различни материјали, вклучително и природни влакна како свила и влакна од ласица или коњи, или синтетички влакна како најлон или пластика. Екстензиите се прикачуваат со лепило, кое може да предизвика проблеми.

Повеќето козметичари прават тест пред закажување термин, обично на рачен зглоб или зад уво, за да проверат дали сте алергични на лепилото, но дури и да нема алергиска реакција, хемикалиите во лепилото може да бидат иритирачки за чувствителната област околу окото и тежината на лепилото може да предизвика иритација на трепките.

Најважно е соодветното ставање на екстензиите. Има наводи за луѓе кои си ги залепиле очните капаци со лепило за трепки. Со оглед на тоа што лепилото се става многу блиску до окото, тоа никогаш не треба да дојде во контакт со површината на окото.

Според една студија, повеќе од 60 отсто од жените пријавиле дека по ставање екстензии на трепките имале кератоконјунктивитис - состојба што вклучува воспаление и на рожницата и на спојката во исто време. Истата студија покажала дека 40 отсто од жените имале алергиска реакција на лепилото.

Има случаи каде што лепило за нокти, кое е многу појако, било продавано како лепило за трепки или користено како замена. Лепилата за трепки може да носат различни опасности за здравјето. Една студија открила 37 лепила за трепки со формалдехид, канцерогена хемикалија.



Најчесто пријавуваната компликација од екстензиите на трепките, сепак, е блефаритис - воспаление или иритација на капаците.

Лошата хигиена во салоните може да доведе до наезда на грини на трепките.

Дополнително на сето ова, дури и најпрофесионалното отстранување на екстензиите може да има влијание врз природните трепки.

Затоа, овој експерт советува: ако сакате да инвестирате во зајакнување на трепките, одете кај искусен козметичар во професионален салон со беспрекорна хигиена и ако си ги цените трепките, не дозволувајте ова да ви стане редовна навика.

Извор: The Conversation
Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје