Компанијата „Старбакс“ долго време се соочува со предизвици, но не се работи за бизнис во периодот на карантин или промет, туку за револт на персоналот.
Имено, работниците во приближно 220 кафетерии низ САД гласаа за синдикално здружување. Ова се случува во „незгодно“ време бидејќи економијата забавува, а компанијата бурно реагира на протестите.
Би-би-си овие денови пишуваше за 28-годишната Хоселин Чукиљанка која работела речиси 7 години во „Старбакс“. Минатиот месец таа добила отказ. Младата девојка истакнува дека работата ѝ одговарала поради флексибилноста, па можела да се грижи за нејзината внука.
Но, таа почна да ги собира своите колеги од Њујорк со цел да се приклучат на синдикатот затоа што била лута на компанијата за нејзиниот однос кон боледувањето за време на пандемијата.
По оваа иницијатива, Хоселин вели дека нејзиниот шеф почнал да ја казнува за работи што им биле простени на другите, како што е доцнење цели три минути за време на нејзината смена во 5:30 часот.
Кога во јули го изгубила клучот од објектот, тоа се чинело како последната капка, иако веднаш му кажала на менаџерот што се случило. На крајот, клучот бил пронајден во кафетеријата.
Во своето известување поврзано со отпуштањето, „Старбакс“ ги навел доцнењето и инцидентот со клучот како главни „предизвикувачи“ на отказот.
Но, Хоселин, која работела во „Старбакс“ од 2015 година, била шеф на смена и заработувала повеќе од 22 долари на час, вели дека станува збор за одмазда.
- Дефинитивно беше одмазда. Никогаш не сум слушнала некој да е отпуштен поради доцнење помалку од 5 минути - вели таа.
Синдикалците велат дека судирот на Хоселин со компанијата е само една од серијата мерки на национално ниво во кои се отпуштени повеќе од 75 синдикални активисти, а некои продавници беа затворени бидејќи компанијата, која се промовира како прогресивно работно место, се обидува да го запре работничкото движење.
„Старбакс“, кој поседува речиси 9.000 продавници во САД и лиценцира уште илјадници, ја негира одмаздата.
Од компанијата велат дека ги почитуваат правата на работниците за организирање. Но, нема сомнеж дека синдикатот го гледаат како закана.
Сепак, синдикатот „Старбакс воркерс јунајтед“ ја обвини компанијата за кршење на законите за работа, поднесувајќи десетици тужби против компанијата до Националниот одбор за работни односи (NLRB), владина агенција за правата на работниците. NLRB поднесе 16 свои приговори откако ги испита тврдењата и во некои случаи побара судски наредби веднаш да биде вратен отпуштениот персонал - невообичаено проактивен чекор.
Извор:
Biznis.telegraf.rs
Фото: