Добар дел од работниот век го помина на сцена, публиката не можеше да го види и чуе, но затоа, пак, беше водечки глас за актерите и другите театарџии за претставата да тече и сите елементи да се поврзат во целина.
Во работењето не користи палка, но го сметаат за диригент на театарот зашто од него зависи изведбата на претставата во целина. Инспициентот Мирослав Лазаревски (64), кого повеќето го знаат како Мирко од театарот, по 44 години минати во Народниот театар Битола заминува во пензија. Се пензионира на роденденот, 29 декември 2024 година.
Работниот век го мина зад пултот и микрофонот, од каде што со децении водеше организации на десетици театарски претстави. Беше зад завесата и иако публиката не можеше да го види и чуе, неговиот глас беше еден од најважните додека се играа претставите. Тој како инспициент преку поставеното озвучување низ театарската куќа, од гримиорните, ходниците, шминкерницата и другите простории, ги повикуваше актерите, им даваше сигнали на техниката и светлото, кажуваше кога треба да дојде до промена на сцената и ред други активности за да може претставата да тече редоследно.
Работата е стресна и потребна е голема концентрација
-Инспициентот, всушност, е диригент кој диригира, ама никој не го гледа. Тој седи зад сцената и нонстоп комуницира со светло, тон, техника, актери. Потребна е голема концентрација, паметот да ти биде тука. Не дај Боже еден актер да заборавиш, ќе ти пропадне претставата. Кај нас сѐ е поврзано. Ако не ѝ даде на претставата некој актер шлагворд, таа ќе ја изгуби смислата. Треба во секунда да биде точно влегувањето, излегувањето од сцената - раскажува Лазаревски.
Низ годините имал различни стресни ситуации координирајќи ги изведбите на сцената, но секогаш сѐ завршувало во најдобар ред.
- Некогаш се случуваше да нема актер, па трчаш, го бараш каде е, те фаќа паника. Инспициентот мора да е на ниво на задачата. Тој цело време е со актерите и режисерот. За време на првата читачка проба тој седи со екипата. Потоа со режисерот се прави план и програма – кој актер кога треба да дојде на проба, па кога ќе излеземе на мизансценски проби, се прават планови со техниката, кој треба да дојде, какви реквизити треба да се донесат, што треба да се намести на сцената за другиот ден. Инспициентот цело време е до режисерот, па во источните земји го нарекуваат помошник-режисер, а во западните земји директор на сцена - вели Мирко.
Работел со врвни режисери и го пропатувал светот
Има работено со многу врвни режисери кои поставувале претстави во Битола - Љубиша Георгиевски, Красимир Спасов, Лили Абаџиева, му бил асистент на режија на Слободан Унковски, соработувал со руски и други европски режисери. Со Народниот театар од Битола го пропатува и целиот свет, каде што гостуваа претставите, таму беше и тој со актерската екипа: Канада, САД, Италија, Русија... Се сеќава дека претстава со најголем број гостувања била „Парите се отепувачка“ во режија на битолчанецот Љупчо Ѓоргиевски-Бубе.
На прашањето дали по долгогодишниот работен век минат во театарот, доколку би имал моќ да го врати времето, би бил актер, вели дека повторно би ја избрал работата на инспициент. Имал искуство и како статист на сцена и мали улоги во ТВ-серии и филмови, како што се „Црвениот поет“, „Збогум Румелија“ и други, но вели дека најмногу се пронашол во работата на инспициент.
Од католички поп до инспициент
-Во далечната 1981 година еден пријател ме донесе на некои проби во театарот и случајно се погоди режисерот Димитар Христов, ја поставуваше претставата „Ноќ спроти Водици“. Ме виде и рече: „Ми треба човеков за едно мало улоџе“. Тоа ми беше прва улога со текст, играв католички поп. Инспициент работам 25 години, а пред тоа бев во администрација. Имаше потреба од инспициенти зашто кога беше директор беше Благоја Стефановски-Баге, почнавме да работиме и по 12 премиери годишно. Тој ме префрли да работам како инспициент, сега покојниот Боне Стојчевски, кој тогаш ја работеше оваа работа, не можеше физички да стигне сам. Наутро проби, навечер претстави и мораше да се префрлам јас на сцена. Баге имаше осет, ги одбираше театарските луѓе, оние што сакаа театар и ги вработуваше во техника и на други места - вели Лазаревски.
За инспициентите нема награда
Додава дека низ годините театарот му донел многу убави искуства и пријателства. Со тешко срце го напушта театарот. И покрај долгогодишниот труд и беспрекорната работа, заминува без ниедна награда. Работата на инспициентот е многу важна за претставата да има целина, но кај нас не се доделуваат награди за овие театарски профили на работници. Тие засега имаат само меѓународен ден на инспициентите.
Досега за ова работно место не се бараше ни високо образование. Со новите колективни договори тоа ќе биде променето и како
инспициенти во иднина ќе работат лица со завршени факултети.
Фото: приватна архива