Една четвртина од испитаните Французи изјавиле дека не се чувствуваат способни за работа до пензионирањето, покажува истражувањето чии резултати беа објавени во време на дебата за зголемувањето на старосната граница за пензионирање во Франција од 62 на 64 години.
Една четвртина од Французите би претставувале речиси 9 милиони граѓани, или 37 отсто од вработените, според студијата спроведена меѓу 40.000 луѓе.
Чувството на „неодржливост на работа“ е многу посилно кај оние под 30 години (59 проценти) отколку кај оние над 50 години (18 проценти), кои често оставаат потешки работни места како што се приближува пензионирањето. Тоа чувство е многу изразено кај жените со мали деца (57 проценти).
Најголемо чувство на неодржливост имаат физичките работници, потоа вработените во контакт со јавноста (во банки, ресторани, хотели) и медицинскиот персонал. Дури 66 отсто од благајниците изјавиле дека нема да издржат до пензионирање.
Педесет и осум проценти од вработените што се изложени на психосоцијален напор (интензивна работа, емоционални барања, социо-економска несигурност) и 46 проценти од оние што се изложени на физички тешкотии (бучава, топлина, влажност, работа во стоечка положба, носење тежок товар) имаат чувство на неодржливост.
Тие вработени имаат понестабилни кариери од другите и се пензионираат порано или имаат паузи во кариерата, особено од здравствени причини.
Горниот дом на парламентот, Сенатот, во кој мнозинството го сочинува десничарската опозиција, вчера го одобри поместувањето од 62 на 64 години за пензионирање.
Извор: МИА