X
 22.11.2024 Технологија

Швајцарска црква инсталирала аватар на Исус со ВИ, способен да зборува 100 јазици

Малата, неукрасена црква „Капелата на Петар“ долго време е рангирана како најстара црква во швајцарскиот град Луцерн. Но, црквата станала синоним за сѐ што е ново откако во неа е инсталиран Исус со вештачка интелигенција, способен да разговара на 100 различни јазици.

- Тоа беше експеримент. Сакавме да видиме и да разбереме како луѓето реагираат на Исус со вештачка интелигенција. За што би разговарале со него? Дали ќе има интерес да се разговара со него? Веројатно сме пионери во ова - вели теологот Марко Шмид.

Инсталацијата, позната како „Деус ин макина“, била лансирана во август 2024 година, како последна иницијатива во долгогодишната соработка со локална универзитетска истражувачка лабораторија за извонредна реалност. По проекти кои експериментирале со виртуелна и проширена реалност, црквата одлучила дека следниот чекор е да инсталира аватар.

- Имавме дискусија за тоа каков аватар би бил инсталиран - теолог, личност или светец? Но, тогаш сфативме дека најдобра фигура ќе биде самиот Исус - додал Шмид.

Малиот простор и барањето место каде што луѓето би можеле да имаат приватни разговори со аватарот довеле до тоа црквата да го замени својот свештеник, за да постави компјутер и кабли во исповедалницата. По обуката на програмата за вештачка интелигенција во теолошки текстови, посетителите биле поканети да му постават прашања на Исус. Тој одговара во реално време, нудејќи одговори генерирани преку вештачка интелигенција.

На луѓето им било препорачано да не откриваат никакви лични информации и да потврдат дека стапуваат во комуникација со аватарот на сопствен ризик. За време на двомесечниот период на експериментот, повеќе од 1.000 луѓе - вклучително и муслимани и туристи од Кина и Виетнам, ја искористиле можноста да комуницираат со аватарот.

Повратните информации од повеќе од 230 корисници покажуваат дека две третини од нив сметаат дека тоа е „духовно искуство“, според Шмид. Други пак, биле понегативни, а некои им кажале дека е невозможно да разговараат со машина. Еден локален репортер кој го испробал уредот ги опишал одговорите на луѓето како  „банални, повторувачки и полни со мудрости што потсетуваат на клишеа во верскиот календар“.

Експериментот доби и критики од црковната заедница, рекол Шмид, при што католичките колеги протестирале поради употребата на исповедничкиот простор, додека протестантските колеги навидум се навредувале поради употребата на слики од инсталацијата на овој начин.

Она што најмногу го погодило Шмид, сепак, бил ризикот што црквата го презела верувајќи дека вештачката интелигенција нема да дава одговори кои се незаконски, експлицитни или ќе нуди толкувања или духовни совети кои се во судир со црковните учења. Со надеж дека ќе го ублажи овој ризик, црквата извршила тестови со 30 луѓе пред да го постави аватарот.

- Немавме впечаток дека тој зборува чудни работи. Но, се разбира, никогаш не можевме да гарантираме дека  нема да каже ништо чудно - рекол Шмид.

На крајот, токму оваа неизвесност го навела да одлучи дека аватарот треба да се остави како експеримент.

- Тоа е навистина лесна, пристапна алатка каде што можете да зборувате за религијата, за христијанството, за христијанската вера - рекол Шмид, размислувајќи дека експериментот може да се преобрази во еден вид повеќејазичен духовен водич што може да одговори на религиозни прашања.

- Мислам дека има жед да се разговара со Исус. Луѓето сакаат да добијат одговор. Потоа, се разбира, тука е и љубопитноста. Тие сакаат да видат што е ова - заклучил Шмид.

Извор: theguardian.com

Фото: Peter Diem/Lukasgesellschaft

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија