X
 11.05.2018 Технологија

Вештачката интелигенција ќе им помогне на лицата со инвалидитет

Со оглед на тоа дека околу милијарда луѓе во светот живеат со некаква форма на инвалидитет, има огромно подрачје за развој на помошните технологии - пазар чија вредност до 2024 година се очекува да достигне над 26 милијарди долари.

Во следните десет години милијарда паметни направи ќе бидат поврзани. Вештачката интелигенција ќе овозможи овие направи да слушаат, гледаат, носат заклучоци и да прогнозираат без да бидат зависни од таканаречените облаци, а просечниот паметен дом ќе генерира околу 50 гигабајти податоци секој ден.

Вештачката интелигенција е клучен дел од таа сложувалка бидејќи нејзиниот напредок, како визуелно распознавање и транскрипција од говор во текст, веќе покажува огромен потенцијал дека ќе може да им помогнат на луѓето со проблеми со видот, слушањето, учењето, движењето, како и на оние чие ментално здравје не е во најдобар ред.

- Вештачката интелигенција може да им го промени животот на луѓето со инвалидитет. Веќе сме сведоци на ова бидејќи луѓето со инвалидитет ја зголемуваат употребата на компјутерите за да слушаат, гледаат и да носат одлуки со импресивна точност - истакна Бред Смит од „Мајкрософт“.


Фото: Pixabay

Оваа компанија го најави почнувањето на програмата наречена „Вештачка интелигенција за достапност“, која е нова 5-годишна програма вредна 25 милиони долари, а чија цел е забрзување на развојот на достапни и интелигентни решенија со вештачка интелигенција. Целта е лицата со инвалидитет да постигнат повеќе во три области: вработување, модерен живот и поврзување на луѓето.

- Во светот само едно од десет лица со инвалидитет има пристап до асистентска технологија и производи. Ние веруваме дека технологијата може да има големо влијание врз оваа важна заедница ако решенијата во кои е вклучена вештачката интелигенција се подостапни - истакна Смит.

Програмата ќе биде водена од страна на Џени Леј-Флури, која е глува и која создаде програма за вработување преку која компанијата идентификува и тренира луѓе со аутизам.

Ерик Бриџес од американскиот Совет на слепи објасни дека користењето на апликацијата „Seeing AI“ му помогнала на неговиот тригодишен син да ги пишува домашните задачи. Ерик сега ја користи апликацијата за да ја скенира домашната на својот син и да ја прегледа, но пред само две години за таа интеракција била потребна помош од друго лице што немало проблеми со видот. Технологијата буквално ја отстранила таа бариера и таткото може да има директна комуникација со синот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија