Транс Динарика обезбедува коридор до градови, далечни планински села и антички традиции.
Транс Динарика, новата прекугранична велосипедска патека, во моментов ги поврзува Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Почнувајќи од долината Соча во Словенија, близу Италија, патеката се движи јужно покрај брегот на Јадранското Море во Хрватска, пред да се сврти источно и да заврши во Сараево, главниот град на Босна. Но, конечната цел на патеката, како што истакнуваат организаторите на велосипедската мрежа, е да се вклучат сите осум земји од Западен Балкан и на крајот да се приклучат Црна Гора, Албанија, Косово, Србија и Македонија.
Оваа патека им овозможува на многу посетители првпат да патуваат низ локалитетите на УНЕСКО, селата и националните паркови. Патот ја нагласува широката палета на пејзажи во регионот: релјефи над морето, планинските премини, алпските езера и реки и градовите во срцето на динарските Алпи (од каде што и потекнува името на патеката).
Фото: Matej Hartman, transdinarica.com
Идејата за Транс Динарика се јавила во 2016 година кога тројца туристички оператори, од Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина, се здружиле за создавање коридор што ќе се протега низ Западниот Балкан, кој често е занемарен од туристите. Нивната мисија била да се искомбинира велосипедизмот (со акцент на планинскиот велосипедизам) со искуството на стар град во областа. Притоа, мрежата исто така се справува со предизвиците што ги носат инфраструктурата и пристапноста, истовремено поттикнувајќи ги домашните, локални бизниси. Инспирирана од пешачката патека Виа Динарика, која е паралелна со велосипедската патека и опфаќа 1.930 километри низ истите осум земји, Транс Динарика им овозможува на многу посетители првпат да се пробијат низ локалитетите, селата и националните паркови на УНЕСКО.
- Поради многуте заедници низ кои поминува, Транс Динарика не се чувствува како типичен туризам, затоа што и не е. Ова се вистински места, кои не се навикнати на туристи, но сакаат да бидат домаќини - вели Едо Вричиќ од „ВМД Aвантуристичко патување“, хрватски оператор што помага да се развие патеката.
Фото: Matej Hartman, transdinarica.com
Јан Клавора од „Посетете добри места“, агенција за активен туризам, се согласува со ова и додава дека овој тип на патување е совршено погоден за Балканот.
- Велиме дека велосипедистите се бавни и гладни. А бидејќи не можат да носат многу работи, а можат да стигнат до сите места, оваа патека помага да се трансформира структурата и обезбедува двигател за бизнисите во оддалечените области, каде што не доаѓаат други туристи освен велосипедисти - вели Јан Клавара.
Во моментов патеката е завршена во Словенија, Хрватска и во Босна и Херцеговина, но кога ќе се прошири, ќе ги опфати и Црна Гора, Албанија, Косово, Србија и Македонија.
Фото: Matej Hartman, transdinarica.com
- Целта на Транс Динарика е да создаде предизвикувачки и инспиративен пат низ релативно недопрена област на Европа - вели Тјери Жубер од „Зелени визии“ во Сараево, туристички оператор и босански партнер на мрежата. Според него, во делот на Словенија преовладуваат патеки за планински велосипедисти, но со детален развој во Хрватска и Босна и Херцеговина ќе се создадат овие технички патеки и алтернативни патишта за секое ниво на искуство.
- Причината поради која патеката е успешна и ќе биде успешна е поради самиот
Западен Балкан. Регионот изобилува со прекрасни пејзажи и буквално го одзема здивот и ви дава можности да седнете, да јадете и да пиете со локалното население, кое сака да ја сподели својата култура - додава тој.