X
 23.04.2018 Живот

Лекарот кој не се интересираше за политика - кој е всушност Башар ал-Асад?

Иако вети реформи, особено во областа на човековите права, ништо посебно не се сменило откако дојде на власт. Во 2006 година воведе забрана за патување за политички дисиденти, па многумина не можеа да ја напуштат земјата. Една година подоцна се одржа референдум за продолжување на владата на Башар. Немаше опција за опозициски или кој било друг кандидат.

Доналд Трамп го нарекува „чудовиште“ кое со гас го убива сопствениот народ, а сѐ поочигледно е дека повеќе страни сакаат да го тргнат од власт, но кој е Асад и како тој ја презеде земјата која во моментов е најголемо кризно жариште во светот, кое предизвика нов глобален судир и го доведе светот на работ на светска војна?

Башар ал-Асад е роден кон крајот на 1965 година во Сирија како втор син на некогашниот претседател Хафез ал-Асад, кој власта во Сирија ја презеде во 1970 година откако дoјде на повисока позиција во сириската армија и во партијата на малцинството Алавити.

Не планирал да биде претседател, но...

Асад завршил медицина во Дамаск, добро ги научил англискиот и францускиот и потоа, во 1992 година, заминал во Велика Британија каде што ги продолжил студиите. Тогаш сѐ уште живеел како типичен студент и не покажувал никакви политички амбиции.

Во 1994 година 29-годишниот Асад морал да се врати во Дамаск поради трагичната смрт на неговиот постар брат Басил, кој бил воспитуван и подготвуван за преземање на власта во земјата. Асад се запишал во воената академија во Хомс и за само пет години успеал да стане потполковник, а потоа и полковник. Во тоа време му бил советник на татко си и водел кампања против корупцијата.


Фамилијата на Асад
Фото: Wikipedia

Кога Хафез ал-Асад почина во 2000 година, сирискиот парламент по кратка постапка го промени законот според кој претседателските кандидати мора да имаат најмалку 40 години и ја спушти границата на 34 за да може Башар да ја преземе функцијата претседател.

Токму тоа се случи на 11 јули 2000 година. Башар стана претседател на Сирија, лидер на партијата Баас и врховен командант на вооружените сили. Официјално бил избран за претседател со 97 отсто од гласовите на избирачите, а во својот инаугурациски говор вети економска либерализација и политички реформи.


Ветуваше реформи, но не се случи ништо

Башар брзо одби каков и да е западен облик на демократијата сметајќи го за несоодветен за Сирија. Го дочека прилично лоша економска ситуација бидејќи поради сложената бирократија, приватниот сектор никако не можел да се развие. Во врска со надворешните работи, Сирија имаше многу комплицирани односи со Израел, Либан и со Турција.

Највпечатлива беше сириско-либанската ситуација. Асад почна со постепено повлекување од Либан во 2000 година, но наскоро Сирија беше обвинета за атентат на поранешниот либански премиер Рафик Харири.

Иако ветуваше реформи, особено на полето на човековите права, ништо посебно не се промени откако тој стапи на власт. Во 2006 година Башар им забрани на политичките дисиденти да патуваат надвор од земјата. Една година подоцна беше одржан референдум за продолжувањето на власта на Башар. Немаше ниеден друг кандидат, па Башар повторно победи со 97 отсто од гласовите.

Истата година во Сирија се блокирани социјалните мрежи, а сѐ почесто се појавуваат информации за убиства, мачења и исчезнувања на политичките противници на Башар. Во 2009 година „Хјуман рајтс воч“ за состојбата на човековите права во Сирија оцени дека е една од најлошите во светот, а ситуацијата оттогаш само се влошуваше.


Почеток на хаосот

Откако во Северна Африка се прошири Арапската пролет, протестите се појавија и во Сирија. Иако Асад тврдеше дека е имун на нередите што се проширија во арапскиот свет, протестите наскоро почнаа да се одржуваат во еден дел од Сирија. За шест месеци беа убиени 2.000 демонстранти.

Аналитичарите истакнуваат дека поради политичкото неискуство, Асад не успеал да најде место за Сирија во новиот светски поредок. Еден европски дипломат констатира дека Сирија станала диктатура без диктатор. Асад на тоа одговори велејќи дека не може да биде диктатор бидејќи нема апсолутна власт во државата.


Фото: Wikipedia

Бројот на мртвите во протестите брзо се зголемуваше, бегалците почнаа да бараат спас во соседните земји, а Асад сѐ помалку се појавуваше во јавноста. Во ретките излагања за сѐ ги обвинуваше странските агенти. Велеше дека странски сили стојат зад протестите.

Во декември 2011 година тој не сакаше да преземе одговорност за насилствата на војниците над демонстрантите, истакнувајќи дека тој никогаш не наредил да убиваат или да дејствуваат брутално.

- Тоа не се мои сили. Тоа се воени сили кои ѝ припаѓаат на владата. Јас не ги поседувам. Јас сум претседател. Јас не ја поседувам државата. Ниедна влада не го убива својот народ освен ако не ја води тотален лудак - рече тој во тоа време.


Помошта од Путин

До есента 2011 година многу земји побараа од Асад да се повлече. Насилството стануваше сѐ полошо, загинати имаше сѐ повеќе, ниту плановите на ОН не го запираа тоа. Во  јуни 2012 година беше утврдено дека востанието прераснало во вистинска граѓанска војна. Цивили гинеа секој ден и набрзо Асад првпат беше нападнат од страна на останатиот дел од светот поради употребата на хемиско оружје над цивилите.

Сепак, со помошта на рускиот претседател Владимир Путин, тој успеа да ја одложи странската интервенција, а Русија ѝ вети на Сирија дека ќе ѝ помогне да се ослободи од резервите со хемиско оружје. До 2013 година во судирите, кои дотогаш траеја веќе шест години, беа убиени повеќе од 70.000 луѓе.


Фото: Wikipedia

Во јуни 2014 година се одржани „привидни“ избори. Гласањето се одржа само во подрачјата со кои управуваше владата, а Асад во текот на кампањата не се појавуваше во јавноста. Победи со 88 отсто од гласовите. Неговата позиција се зајакна неколку месеци подоцна кога Русија се согласи да ги снабди неговите сили со оружје и други потребни работи.

До февруари 2016 година судирот зеде 470.000 животи, а светот се соочи со голем бегалски бран.

Во април минатата година, по известувањата за нападите со хемиско оружје, американскиот претседател Доналд Трамп нареди воздушни напади на една сириска воена база, со што против себе дополнително ги сврте сириските сојузници Русија и Иран. Една година подоцна се случи речиси истата ситуација, но овој пат во нападите учествуваа и Франција и Велика Британија.


Зошто Асад сѐ уште е на власт?

Има неколку причини поради кои Башар сѐ уште ја води оваа опустошена земја. Пред сѐ, Сирија има надворешна помош, не само од Русија, која ја снабдува со оружје, туку и од Иран, кој уште во 2012 година почна да дејствува во таа земја. Техеран во Сирија прати десетици илјади борци и се смета за еден од главните фактори за промена на рамнотежата на моќта во сириската граѓанска војна.

Освен со помошта однадвор, Асад профитираше и од поделбата во редовите на бунтовниците, кои се поделија на фракции, па беа поранливи и потклекнаа под нападите на „Исламската држава“, на пр., во Рака.

На Асад му оди во прилог фактот што иако меѓународната заедница е гласна во критиките упатени кон него, никој всушност не презел никакви конкретни чекори за да го тргне од власта, а Америка даде до знаење дека отстапувањето на Асад од власта веќе не ѝ е приоритет.

Освен тоа, Асад има и јака поддршка во Сирија, што можеше да се види и пред неколку дена кога илјадници луѓе излегоа на улиците славејќи ја неговата победа. Поддршката за Асад е видлива во редовите на Алавитите, но и кај сунитите, кои значително профитираа во текот на неговото владеење и кои не се премногу заинтересирани за промена на статусот кво.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот