X
 23.09.2019 Живот

„Јандреев шприц“ – иновација на прилепски гимназијалец што ќе ги штити здравствените работници од зарази

Сашо Јандрески, 16-годишен гимназијалец, ученик во втора година во прилепската гимназија „Мирче Ацев“, измисли и патентира нов, уникатен шприц за инјектирање лекови и корисен во медицински цели. Јандрески својот изум го патентира и го презентира пред медицинските работници и пред јавноста во големата сала на Домот на културата „Марко Цепенков“.
Јандрески речиси една година со тим од три професорки што му ја дадоа поддршката работеше на обликувањето на прототипот кој е наречен „Јандреев шприц“ и според него, ова доаѓа како прв изум во медицината кај нас по 25 години.
Објаснувајќи како функционира „Јандреевиот шприц“, Јандрески вели дека идејата се родила по волонтирањето во прилепската Итна медицинска помош и во болницата „Борка Талески“, сакајќи да спасува животи и да се заштитат здравствените работници од евентуална зараза од хепатит Б и Ц.



- Со овој нов модел на шприц здравствените работници целосно се заштитени од каква било зараза од хепатит Б и Ц при давањето терапија. Заштитени се и ветеринарите, фармацевтите, лаборантите. Самиот шприц е достапен во два вида: од обична и од биоразградувачка пластика. Од тој аспект мислевме на заштитата на животната средина, па професорката по биологија Наташа Милеска Михајлоска од прилепското Основно училиште „Климент Охридски“ каде што учев, со мене неуморно работеше на сите истражувања - објаснува Јандрески.
Во врска со функционирањето на шприцот, тој појаснува дека функционира на тој начин што под дејство на притисок, притисочната рачка со иглата излегува во иглената комора, под дејство на ротација се ослободува иглата, се дозира и се вбризгува.

- Шприцот е компатибилен за секаков вид терапии: дермална, епидермална, мускулна и интравенозна. По инјектирањето на лекот, иглата се повлекува и навлегува во волуменската капсула, доаѓа до блокаторот кој го блокира целиот шприц. Шприцот е само за една употреба. До идејата за шприцот дојдов волонтирајќи во Службата за итна медицинска помош и во прилепската болница „Борка Талески“ на педијатриското одделение. Идејата е да ги заштитам здравствените работници од хепатит Б и Ц. Функционира под дејство на ротацијата на притисочната рачка. Моето мото е дека иднината е во сите нас, сите да бидеме креативни, да создадеме нешто подобро за нашата држава, за целото општество, за целиот свет - вели Јандрески.

Според него, ваков модел на шприц не постои никаде, а пред еден месец е патентиран во Заводот за заштита на индустриската сопственост. Тој се надева дека „Јандреевиот шприц“ ќе биде откупен и достапен за употреба.

(Извор: МИА)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот