X
 24.02.2023 Наша тема

По скалилата на успехот со Гаро Тавитјан: „Сцената е магично место каде што даваш нешто од себе“

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Ми требаа многу години дисциплина, пожртвуваност и труд за да дојдам приближно до саканата вештина. Се разбира, тоа е пат на кој му нема крај, усовршувањето никогаш не престанува, вели Гаро Тавитјан, наш етаблиран инструменталист кој јавноста, пред сѐ, го знае како тапанар. Неодамна беше одбран како еден од 500 највлијателни тапанари во светот од најголемата тапанарска заедница и компанија во светот „Drummerworld“ што, според Гаро, веројатно е негов најголем успех. Ова е првпат еден артист од овие простори да влезе во светска листа со највлијателни музичари во историјата на светската музика.

Иако растел во сенката на неговиот татко Гарабет Тавитјан, инаку нашата музичка легенда, тапанар на „Леб и сол“, Гаро успеа со својата индивидуална креативност, упорност и елан за работа и напредување да си го трасира патот во музичкиот свет.

Гаро има гостувано на 100 албуми, има 3 соло-проекти со неговиот брат Диран, кој исто така важи за етаблирано музичко име, а како „Тавитјан брадерс“ издадоа компилација од 170 концерти што ги свиреле низ целиот свет, односно 10 цедиња, нешто што е собирано од разни концертни снимки и материјали кои морале да ги продуцираат две години за да стигнат до ниво на издавање.

- Мојот прв настап беше на јавен час во МБУЦ, а се сеќавам дека првпат на џез-рок концерт настапив на 11-годишна возраст, на 2 песни со татко ми на Воениот базен во Скопје и мислам дека Гиш настапуваше, а потоа следуваа некои групи што ги имав со другари. Едната беше на почеток со Дамјан Темков, па со Драган Трајковски Фис, со кого свирев на патронат во седмо одделение итн. – се присетува Гаро.

За тоа кои му се најдраги настапи досега, Гаро се намачи да издвои неколку поради фактот што има толку богат концертен опус.

- Тешко е да се даде краток одговор, но веројатно еден од најдрагите концерти ми е во „Карнеги хол“, која важи за најреномирана концертна сала во светот, а се наоѓа во центарот на Њујорк, близу Тајмс сквер, а нашиот концерт беше распродаден за 2 дена. Потоа концертите во светскиот реномиран „Блу Ноут“, исто така во Њујорк. Со брат ми сме настапувале низ цела Европа и цел Балкан, од „Егзит“ до „Сава центар“, нашиот скопски стадион каде што имавме гости од најреномирани балкански пејачи, вклучувајќи и 70.000 публика... - издвојува Гаро дел од настапите што му ја одбележале досегашната кариера.

 

На пробите кај татко му се запознал со процесот наречен свирење

Гаро е четврта генерација скопјанец и неговата фамилија Тавитјан спаѓа во 10. најстари скопски семејства. Тој посочува на неговиот татко Гарабет Тавитјан како основач на македонската современа музика, вклучувајќи ги тука рок и џез-културата во чии почетоци и најголеми дострели е токму тој, а е една од најзначајните тапанарски и музички легенди на Балканот.  

- Посетував проби каде што татко ми работеше на неговите проекти, а тоа најчесто беше со неговата група „Гаро и парамециум“, со која секојдневно работеше. Најрано што се сеќавам е еден простор во ГТЦ во кој вежбаа со „Леб и сол“, но подоцна самиот продолжи во тој простор. Неколку години заедно со брат ми бевме присутни на тие проби кога тој почна со својата група. На сите овие места јас се запознавав со процесот наречен свирење и нормално со инструментите и пијаното што го имавме дома. Ме запишаа во нижото МБУЦ на 5,5-годишна возраст, така што пијаното и тапаните ми беа секојдневни инструменти. Учев 7 години во нижо музичко каде што свирев на пијано, а подоцна се запишав на ударни инструменти и продолжив во средното музичко на отсекот ударни инструменти, но пијаното ми беше секундарен инструмент и паралелно ги вежбав и двата во голема мера - вели Гаро.

Го делел вежбањето во две етапи од по два часа

Во средното музичко училиште Гаро со полна пареа им се посветил на тапаните, а вели дека му требале многу години дисциплина, пожртвуваност и труд за да дојде приближно до саканата вештина.

- Го делев вежбањето на неколку етапи во денот поради одредени методи кои ги открив како пристап кон инструментот. Етапите траеја по 2 часа без престан, каде што се посветував одделно на секој екстремитет со одредени вежби и подоцна го вежбав целокупниот перформанс заедно со сите компоненти и рудиментални вежби. Процесот е поделен на работа на технички неопходности, динамика, разработка на фрази, вежбање со метроном (во различни темпа), разделеност во разни метрики и темпа (независност на екстремитетите), читање нотна литература, свирење транскрипции, креирање сопствени импровизации, вежбање разни стилови од различни ери, пресликување фрази од нашите идоли, кондициони вежби на тапани во смисла да се вежба сето она што не е навежбано и е изискувачко во моментот на развивање, а потоа сето тоа да се вежба и да се проба со група во состав - објаснува Гаро.

 

Гаро планирал да продолжи на ФМУ во Скопје, но во последен момент се откажал поради желбата да оди во Америка. Со брат му добиле стипендија за Беркли во Бостон, а подоцна биле примени на Германски џез-конзерваториум. Првата школа ја изучувал вонредно и онлајн, а за втората извесен период престојувал во Германија. Потоа завршил школа за бизнис и менаџмент, која ја учел вонредно и ја следел наставата онлајн бидејќи бил многу зафатен со концерти, патувања и правење музика.

- Бев вонреден студент бидејќи кариерата ми почна веднаш со концерти и снимање албуми. Генерално бев зафатен со моето студио и со продукцијата што ја отворивме со брат ми, но најмногу со вежбање и концертирање. Многу млад почнав со концерти, на 12 години, и во средно многу често одев на концерти, а потоа и на долги турнеи, така што на 19 години веќе имав 50-ина концерти зад себе, за во наредниот период нагло да се зголеми бројката на троцифрени настапи, па сѐ до над 1.000 настапи до денес... Можеби се и повеќе бидејќи секаде каде што можевме гостувавме, настапувавме и концертиравме - додава Гаро.

„Музиката не е натпревар на достигнувања, туку е доказ за тоа што сѐ може да се произведе од звук“

Гаро ја нема изгубено работната етика кога станува збор за вежбањето и надградувањето на инструментот. Тој постојано вежба и подготовките за концертите мора да бидат константни во неговото секојдневие, што значи дека само материјалот се менува, па во зависност од материјалот, толку време посветуваат со брат му кога имаат концерти како „Браќа Тавитјан“.

- Сцената е магично место каде што даваш нешто од себе кое не може никогаш да се повтори. Побитната вежба е внатре во мене, размислувајќи за нови изрази и правци, а ми треба одредена пауза за да отворам ново ниво на размислување и изолација од претходните изрази, концерти или проби. Како што еден актер се соживува со новата улога и му треба време да ја долови, така и музичарот бара сопствено време кое може да трае со години пред да се манифестира на одреден начин на кој посакува. Едноставно доаѓа до таа предизвикувачка фаза каде што веќе ви го препознаваат идентитетот и приказната што ја кажувате како изведувач и автор, па потребно е да бидете искрени, пред сѐ, заради себе - објаснува Гаро.

Музиката не е натпревар на достигнувања, туку е доказ за тоа што сѐ може да се произведе од звук, ритам, хармонија и имагинација, која треба да служи за инспирација на други луѓе за да има своја смисла и цел, вели Гаро.

- За да можам да го разберам ова, требаше да поминам многу концерти низ повеќе места и разни земји кои немаат слична култура. Настапите во живо се многу убаво искуство и мора да се почувствуваат рефлекторот и тишината на сцената за да се разбере емоцијата што ја нуди музиката, а тоа е незаменливо чувство. Во еден момент разбрав дека ми недостига да снимам добар албум и да научам продукција за да доловам сопствена идеја и увидов дека тоа е исто така многу инспиративно и нуди невидена можност за остварување на имагинацијата. Таа потреба за создавање музика ми се роди кога слушав албуми на кои многу време имаат работено светските автори и тогаш разбрав дека за да се направи добра плоча која некој повеќе пати ќе ја слуша, треба да се даде и многу мудрост и висока естетика – завршува Гаро.

фото: Приватна архива

Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема