X
 24.04.2017 Економија

Научете какви финти прават трговците за поголем ќар!

Мислите дека сте купиле кожни чевли зашто на нивната декларација пишува дека се направени од в.кожа. Се лажете. В.кожа е кратенка за вештачка кожа и е една од легалните финти кои ги употребуваат трговците за полесно да ги продадат производите кои ги нудат. Сте платиле ли производ од распродажба по редовна цена? На нашиот пазар има цела низа трговски досетки со кои треба да се намамат потрошувачите побрзо да влезат во продавниците и да направат промет. Некои се легални, а други недозволени.



Фото: Freepik


Купувачите најдобро ќе се заштитат ако се внимателни, а така ќе заштедат пари, стрес и време за трчање по помош од организации и институции. Знаењето е најголем сојузник на потрошувачите, велат заштитниците на нивните права.

Кога сме измамени?

Од каде е производот ако на неговата декларација пишува дека е произведен во ПРЦ? Ако до скоро она што е произведено во Кина се бележеше или само со име на државата или со НР Кина, сека се користи НРК или кирилично ПРЦ (People's Republic of China). Многумина тоа не го знаат.

На некои од сончогледовите масла се уште е запишано дека се без холестерол, иако холестеролот не е дел од овој растителен производ. Од друга страна, преплавени сме со реклами, особено на социјалните мрежи, во кои се вели дека некој производ има безмалку волшебни и нереални својства. Така има разни препарати со кои „неверојатно ќе ги исчезнат килограмите за многу кратко време“, други ќе направат да ви порасне коса иако, одамна сте ја изгубиле, а некои „конечно ќе ви го решат здравствениот проблем“...

Од Организација на потрошувачите на Македонија-ОПМ објаснуваат дека во Законот за заштита на потрошувачите постои општа одредба со која се забранува нечесното пазарно однесување. Меѓутоа, треба да се внимава и на финтите на трговците.

Пазарното однесување се смета за особено нечесно доколку е измамничко или агресивно. Исто така, постои и црна листа за нечесно пазарно однесување.

Кај измамничкото однесување се разликуваат измамничко однесување со чинење и измамничко однесување со пропуштање. За измамничко однесување со чинење станува збор доколку, на пример, потрошувачите добијат невистинита информација како онаа за „бесплатен кредит“, а мораат да ги платат дополнителните административни трошоци кои не биле споменати. Измама, објаснуваат, е ако е дадена една нето-цена за одреден производ, но неколку дополнителни трошоци се истакнати со мали букви. Муштеријата може да е измамен и ако за производ е пласирана информација дека има „попуст до одреден процент“, а тој попуст, всушност, се однесува само на мал дел од производот.

Измама за постоењето за производот и услугата е и кога употребуван производ се продава како нов.

За измамничко пазарно однесување со пропуштање станува збор доколку трговецот пропушти да даде значајна информација на просечниот потрошувач. На пример, кога се уплатува за користење Интернет со голема брзина за одредена цена месечно, но не се укажува дека услов за да ја добиете таа цена е договор склучен на 24 месеци. Измама е и кога трговецот ги крие значајните информации или дава нејасни, делумни, двосмислени или ненавремени информации.

Познавачите на правата на потрошувачите советуваат добро да се читаат декларациите на производите кои се купуваат, како и договорите за услуги кои се потпишуваат.

Распродажби, а ненамалени цени

Кога се организира распродажба или се продаваат производи со намалена цена, тие треба видно да се издвоени од оние на кои цената не им е намалена. Мешањето на производи со акциски цени и такви со редовни е една од најчестите забелешки на пазарните инспектори.

Правата и обврските на потрошувачите се регулирани во Законот за заштита на потрошувачите. Инспекциски надзор за спроведување на одредбите на овој закон врши Државниот пазарен инспекторат.

Субјектите на надзор, односно трговците, за да го привлечат вниманието на потрошувачите најчесто имаат неправилности околу истакнување на цените при распродажба. Тоа не е направено согласно со законската обврска, а исто така физички не ги одвојуваат производите кои се намалени од производите кои не се со намалени цени – велат од инспекторатот.

До оваа институција граѓаните често реагирале зашто не се истакнати намалените цени.

- Преставките во делот на намалување на цените најчесто се однесуваат на неистакнати цени и во овие случаи државниот пазарен инспектор врши инспекциски надзор согласно Законот за заштита на потрошувачите – објаснуваат оттаму.
Подготвил: Н.Ф:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија