Есента 1609 година, 45-годишниот италијански астроном Галилео Галилеј предавал геометрија, механика и астрономија на Универзитетот во Падова. Тој бил во вонбрачна врска со Марина Гамба, со која имал три деца: Вирџинија, Ливија и Винченцо.
Заедно со грижите за иднината на вонбрачните деца, Галилео го опседнувале и размислувања за небото. Една година порано тој слушнал дека во Холандија некој направил телескоп, па врз основа на описот следната година успеал и самиот да го конструира.
Во ноември истата година Галилео ја составил следната листа која ни дава необичен увид во тогашните услови и начин на живот, како и неговиот фамилијарен живот. Имено, Галилео планирал да оди во Венеција, каде што би ги посетил пријателите и би одел на шопинг, а меѓу другото би купил и делови за следниот телескоп. Ако успее да направи телескоп со поголемо зголемување, тоа ќе му овозможи не само подобро да го набљудува небото, туку и да заработи од продажбата на новите направи.
На задната страница на едно писмо од 23 ноември 1609 година Галилео ја составил следната шопинг-листа:
-обувки и шапка за Винченцо
-наметка за Марина
-леќа, леблебија, ориз, суво грозје, спелта
-шеќер, црн пипер, каранфилчиња, цимет, зачини, џем
-сапуни, портокали
-два чешли од слонова коска
-малвазија за господин Сагред
-две топовски ѓулиња
-калаисана цевка за оргули
-германски рамни леќи, исполирани
-делчиња огледала
-огледало со знакот на кралот
-во Кале деле Акве прават длета
-да се позанимавам со прашањето на железни топки, да ги направам од камен или налик на топовските
-железо за полирање
-смола
-флиц, за полирање огледала
-волна
-да му го платам долгот на лордот Манучи
Галилео успеал да направи подобар телескоп, а во 1610 година објавил мал астрономски памфлет кој го нарекол „Ѕвезден гласник“. Во него, меѓу другото, тој ја опишал површината на Месечината, голем број ѕвезди од Млечниот Пат, како и едно од најголемите откритија во тоа време - четири сателити на Јупитер.
Откривањето на овие сателити никако не се вклопувало со геоцентричниот поглед на вселената кој го прифаќала црквата, па тврдењата од „Ѕвездениот гласник“ брзо се прошириле низ Европа и поттикнале голем интерес за астрономијата. Истовремено, отвориле спор со црквата, кој ќе кулминира во следните децении.
Извор и насловна фотографија:
Nauka za price