Иако испитите се одржуваат на далечина, сепак, има некои административни обврски кои тие треба да ги завршат со физичко присуство. На пример, кандидатот можеби полага онлајн, но ние треба да му внесеме и пишана оценка, на хартија, исто е и со пријавувањето семестри, поднесување различни барања и документи
Пред студентски прашања се наредени столчиња на кои студентите седат и чекаат ред за заверка на семестар. За да не се создава метеж пред студентски прашања, истата административна работа се врши и во неколку предавални/департмани, секој носи заштитна опрема, врши дезинфекција на рацете пред секоја активност и држи дистанца од најмалку два метра. Ова е еден од најголемите факултети во земјава, кој брои околу 3.000 студенти.
Проф. д-р Борче Треновски од Катедрата за економија вели дека студентите на овој факултет, согласно препораките од Универзитетот, имаат можност да полагаат испити и колоквиуми онлајн, но и со физичко присуство доколку немаат можност да го направат тоа онлајн.
- Иако испитите се одржуваат на далечина, сепак, има некои административни обврски што тие треба да ги завршат со физичко присуство. На пример, кандидатот можеби полага онлајн, но ние треба да му внесеме и пишана оценка, на хартија, исто е и со пријавувањето семестри, поднесување различни барања и документи. Кај нас прилично добро е организирано, сè е јасно обележано, секоја ја знае неговата улога, а вработените и нашите драги студенти беспрекорно ги почитуваат правилата. И покрај случувањата со пандемијата, за цело ова време не се случи да има заболени што го добиле вирусот на работното место, на факултетот – што е информација за почит и пофалба на сите вклучени во образовната активност - вели Треновски.
Минатата година во јуни (па и периодот пред тоа) испитите и колоквиумите се одржувале со физичко присуство, но поинаку ги организирале активностите во време на пандемија.
- Во амфитеатар за 200 души беа организирани полагања за по 20 до 30 студенти, беа организирани голем број посебни мали групи, сите места беа обележани со стикери со цел ефикасна дезинфекција и ротирање на местата за седење во различните групи. Голем број од протоколите сами си ги организиравме согласно генералните препораки, меѓутоа, во ниеден момент не дозволивме да настане тензија или какво било нарушување на редот. Ова покажува дека добрата организација, јасната информација и реалниот пристап кон предизвиците се пресудни за студентите, администрацијата, академскиот кадар да ги почитуваат мерките, да соработуваат и да не дозволат во ниеден момент да се наруши процесот на високо образование, на што сме особено горди – додава Треновски.
На овој факултет се вработени околу 80 лица, а студираат околу 3.000 студенти во сите години.
Фото: проф. д-р Борче Треновски