X
 25.07.2023 Здравје

Онколози порачуваат - некои нови третмани за рак не им помагаат на пациентите

Лекувањето на ракот е комерцијализирано и повеќе не е примарно насочено кон давање помош на пациентот за да живее подолго, тврдат над 30 доктори и академици од целиот свет.

Пишувајќи во медицинското списание „Лансет“, лекарите се жалат дека последните децении се забележува поместување од претежно јавно финансирани клинички испитувања насочени кон одговор на прашања важни за пациентите кон испитувања финансирани од индустријата, чија цел е да се постигне регулаторно одобрување или комерцијална предност.

Според Кристофер Бут од канадскиот универзитет „Квинс“ во Кингстон, постои „растечка загриженост“ кај експертите дека некои нови третмани не им помагаат на пациентите да живеат подолго или да се чувствуваат подобро. Објавувајќи го основањето на иницијативата за здрав разум во онкологијата, група онколози и научници тврдат дека индустриската контрола на агендата за истражување создаде систем кој е фокусиран на нови лекови за рак за сметка на истражувањето на новите пристапи кон хирургија, радиотерапија, палијативна нега и превенција.

Тие понатаму изјавија дека значителен дел од приходите во индустријата се користат за маркетинг-кампањи насочени кон влијание врз пациентите, креаторите на политики и онколозите без оглед на клиничката потреба. Залагајќи се за промена на пристапот, лекарите повикаа на рекалибриран пристап кој е повеќе фокусиран на пациентот и ѝ дава приоритет на соодветната грижа, како и третмани кои го подобруваат преживувањето и квалитетот на животот и се достапни за сите пациенти.

Изјавата следува по неодамнешното објавување на истражувањето кое покажа дека околу 75 отсто од финансиите за истражувања на ракот отишле на претклинички или медицински истражувања кои не вклучуваат пациенти.

Повеќе од 24 милијарди долари се потрошени за истражување на ракот помеѓу 2016 и 2020 година, најголемиот дел од парите не беа наменети за истражување на примарен третман во области како што се хирургија и радиотерапија, кои добија помалку од 5 отсто.

Извор: Zimo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје