Летово две главни истражувачки групи прикажале силни докази дека пиењето алкохол, дури и една чаша вино или пиво дневно, го зголемува ризикот од развивање пред и постменопаузален рак на дојката. Во извештајот, научниците од Американскиот институт за истражување на ракот и Светскиот фонд за истражување на ракот анализирале 119 истражувања од целиот свет и инкорпорирале податоци од приближно 12 милиони жени и околу 260.000 случаи на рак на дојката.
Американското министерство за здравство и социјални служби го наведува алкохолот како познат канцероген на човекот. Истражувањата истакнати од Националниот институт за рак укажуваат на тоа дека колку повеќе алкохол пиете, особено ако пиете редовно, толку е поголем ризикот од развој на рак.
Сепак, важно е да се има на ум дека истражувачите не укажуваат дека сите чаши алкохол ги зголемуваат вашите шанси за рак.
„Не велиме дека никој не треба да пие никогаш - само велиме дека ако пиете и ако се обидувате да пиете и помалку од една чаша алкохолен пијалак дневно, тоа е паметен избор“, изјави Алис Бендер, регистриран диетичар.
„Пораката не е да не пиете, туку ако сакате да го намалите ризикот од рак, пијте помалку. А ако не пиете, не ни почнувајте“, вели Ноел Локонте, вонреден професор на Универзитетот во Висконсин во Медисон.
Алкохолот не е единствен важен фактор што треба да се има предвид кога станува збор за намалување на ризикот од рак - тука се и вашите гени, режимот на вежбање и изложеноста на загадувачките материи.
Неодамнешно истражување исто така покажа дека енергичното вежбање е поврзано со значително намалување на ризикот од рак на дојка. Жените во истражувањето кои биле најактивни имале помал ризик за развивање рак во споредба со оние што не вежбале.
„Треба да внимавате на вашата
исхрана и физичката активност, и да побарате некој аспект во кој би можеле да се подобрите. Започнете да преземате неколку едноставни чекори за да го намалите ризикот и да го подобрите вашето здравје. Малите промени можат да направат вистинска разлика“, вели Бендер.