X
 26.03.2020 Образование

Студентите на УКИМ се против онлајн-полагање зашто може да има манипулации

Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ донесе правилник за работа согласно мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Како да се одвива наставата, дали да се полага, како да се реализира административната работа – ова се дел од прашањата што биле дискутирани, информираа од Универзитетското студентско собрание на УКИМ.

Велат дека сите нивни предлози за решенија за работа, како и за минимизирањето на последиците од студирањето во вонредните околности, биле прифатени, освен делот за проверката на знаење, за што сметаат дека може да биде проблем. УКИМ предлага проверката на знаењата да може да се спроведе електронски, доколку самиот факултет примени технички решенија кои обезбедуваат контрола врз работата на студентот и може да се утврди негова идентификација, за што одлука донесува самиот факултет.

- Сметаме дека проверката на знаењето (колоквиуми и испити) треба да биде одложена сѐ додека не настанат поволни услови за физичко присуство на испитите, а проверката на знаење преку видеоконференциски средства не треба да биде дозволена бидејќи немаме никакви гаранции за квалитетот на полагањето. Целосно не се согласуваме да се примени онлајн-полагање затоа што на ниеден начин не можеме да гарантираме квалитет доколку проверката на знаењето се одвива онлајн. Онлајн-проверката на знаењето овозможува манипулации и препишување, кои никако не смеат да бидат дозволени од страна на Универзитетот. Ваквиот начин на проверка на знаењето ќе доведе до деградација на дипломата и знаењето, на сметка на ефикасноста. Мораме да поставиме граници кога се работи во однос на ефикасноста и не смееме да дозволиме неквалитет само заради ефикасност. Мораме да се бориме за квалитетно образование и тука нема простор за компромиси - инсистираат студентите.

Ректорската управа донела одлука предавањата да се одвиваат со примена на електронски технички средства, за што одлука донесува самиот факултет. Може да се користат видеоконференциски платформи, електронска пошта и други системи за електронска размена на податоци.

- Онаму каде што реално не можеме да имаме видеоконференциска настава (практични, лабораториски и др. вежби), сметаме дека тие треба да се одложат сѐ додека не се создадат услови за нивно организирање. Апелираме сите професори што предаваат материја која е подобна за видеоконференциско предавање да ги искористат можностите што ги дава современата технологија и да сторат сѐ за на најсоодветен начин да им го пренесат знаењето на студентите. Доколку професорите немаат доволно информатички познавања за видеоконференциска настава, нека се обратат кај локалните факултетски студентски собранија, кои секако дека ќе бидат отворени да им помогнат при одржување на наставата. Дополнително, Комисијата за настава при УСС-УКИМ ќе промовира посебна алатка преку која ќе врши надзор врз спроведувањето на онлајн-наставата и преку која студентите ќе можат да пријават проблеми и непочитување на правилата - велат од УСС.

Во однос на одбраната на дипломски, магистерски и докторски трудови, УКИМ смета дека одбраните на дипломските, магистерските и докторските трудови можат да се одвиваат преку видеоконференциски платформи, а по барање на студентот, тие можат да бидат одложени, при што крајните рокови за започнатите постапки за одбрана се продолжуваат со одлука на единицата.

 Административната работа целосно да се врши онлајн

Во однос на испитните сесии, веднаш кога ќе се создадат услови за полагање, УСС ќе бара повеќе бесплатни дополнителни сесии за полагање, преку кои ќе се обидеме максимално да им овозможиме на студентите да ги полагаат испитите по завршувањето на кризата.

- Во однос на моменталните рокови за студирање, ќе бараме стопирање на постојните рокови и можност за продолжено полагање и по истекот на редовните рокови од три редовни сесии. Ќе бараме студентите да имаат можност да ги полагаат испитите и по започнувањето на зимскиот семестар, без да ги презапишуваат - велат од УСС.

Тие споделуваат задоволство што Универзитетот и факултетите самоиницијативно и брзо реагирале на кризата и изнашле решенија во прилог на студентите.

Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование