X
 26.09.2024 Живот

Има 97 години и работи во истата болница речиси 80 години: Ова е нејзиниот совет за долга и среќна кариера

Американката Грејс Кар учела, работела и волонтирала во истата болница речиси 80 години, но не планира да престане иако има 97 години.

Нејзината обука во болницата „Сејкред харт“ во Алентаун, Пенсилванија, почнала во 1944 година, кога имала 17 години.

- Откако знам за себе, сакав да бидам медицинска сестра и да работам во болница - вели Кар, која како мала со часови си играла докторки со својот брат и ги виткала куклите во завои.

Работата како медицинска сестра во оваа болница ја напуштила во 1989 година и во наредните три години работела во лекарска ординација во друго одделение на болницата. Се пензионирала кога имала 65 години. Во болницата почнала да волонтира во 1993 година, по смртта на нејзиниот сопруг Едвард.

Кар има 6.000 часа волонтерство зад себе и доаѓа секоја среда да им даде вода на пациентите, да ги развесели со цвеќе и да зема примероци од болничката лабораторија.

- Ја нарекуваме неверојатната Грејс (англ. Amazin Grace како што се вика и познатата американска духовна песна). Од моментот кога ќе се појави наутро до заминувањето во попладневните часови, таа е секогаш желна да помогне и е многу забавна - вели Бет Фогел, друга волонтерка во болницата.

Кар посочува дека отсекогаш сакала да волонтира во болницата по пензионирањето.

- Не можев да си го замислам животот без волонтирање. Ги сакам луѓето таму и сум во добра здравствена состојба, па среќна сум што можам да помогнам - вели таа.

Работете работа која го нуди најдоброто и најлошото во животот

Кар пораснала во Фриленд, мал град во Пенсилванија, кој е 80 километри оддалечен од болницата. Таа го напуштила Фриленд по завршувањето на средното училиште за да студира на Факултетот за медицински сестри и живеела во студентскиот дом кој е дел од болничкиот кампус.

Додека студирала, работела како медицинска сестра, а владата ѝ ја субвенционирала школарината. Владината поддршка била наменета за да се спречи недостигот на медицински сестри за време на Втората светска војна. Дипломирала во 1947 година и се омажила за Едвард, нејзиниот партнер од средно, кој тогаш се вратил од воена служба. Истовремено почнала да работи ноќни смени од 23 до 7 часот. Така работела 20 години, грижејќи се за четири ќерки и еден син.


- Сега кога се навраќам, не знам како го направив сето тоа. Спиев многу малку. Сепак, не можев да замислам да правам нешто друго. Отсекогаш сум сакала да им помагам на луѓето и се чувствував благодарна што правев нешто што го сакав - вели таа.

Исцрпеноста е честа појава кај медицинските сестри, а Кар признава дека била изложена на стрес и исцрпеност. Сепак, истакнува дека веселите настани, како што е раѓање дете или успешна операција, заедно со добрите односи што ги изградила, ѝ помогнале да им пркоси на предизвиците. Сите нејзини деца и речиси сите нејзини 12 внуци се родени во болницата каде што работела. Покрај тоа, во истата болница е роден и нејзиниот зет Винсент Барнс. Кар го сретнала по неколку часа откако се родил.

- Тоа мало момче подоцна се ожени со мојата најстара ќерка Џенет, која сега има 70 години - вели таа.

Токму овие моменти ја инспирирале да продолжи да работи. Тоа ѝ дало некаква цел во животот. Исто така, и нејзината ќерка Грејс работела 35 години во педијатрискиот оддел на болницата. Се пензионирала по 35 години работа.

- На почеток сакав да бидам учителка, но посветеноста и страста на мајка ми кон оваа професија ме поттикнаа да работам во здравството - вели Лоринг.

Најдобриот совет за долга и среќна кариера


Според Кар, тајната за наоѓање работа што ја сакате е прилично едноставна. Таа советува да работите со луѓе што ви се допаѓаат. Во болницата воспоставила пријателства со многу колеги, меѓу кои и медицинските сестри со кои ја започнала својата кариера. Сè уште се среќаваат и одат на кафе или вечера.

Нејзиниот совет за кариерата е потврден од истражување на Универзитетот „Харвард“, кое покажа дека позитивните врски се она што ги прави луѓето среќни во текот на нивниот живот. Истражувањето утврдило дека најнесреќни се оние што работат на работно место каде што се осамени и каде што има повеќе самостојна работа.

Кога не волонтира, Грејс ужива во читање, градинарство, посета на семејството и гледање ТВ-серии. Во последните три децении нејзина омилена навика е да им подарува свежо цвеќе на пациентите и да се дружи со пријателите кои сè уште работат во болницата.

Извор: Biznis.telegraf.rs
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот