X
 26.10.2022 Наша тема

Сашка Кузманова изработува перики од природно влакно: „Денот кога им подарувам перика на онколошките пациенти не се заборава“

Почнав да соработувам со многу фризерски салони кои секојдневно донираат коса, секојдневно добивам повици од лица што сакаат да донираат и многу, многу дечиња кои уште од мали нозе ја покажуваат хуманоста, а особено ми е драго што почнуваат да ме контактираат и надвор од Македонија со цел да подарат коса за да израдуваат некого, ни споделува Кузманова

Сашка Кузманова изработува перики од природно влакно. Можеби е единствената кај нас што се занимава со моделирање перики. Но она што ја издвојува е што таа ги донира периките онаму каде што се најпотребни, на болните жени од рак кои не можат да си дозволат да ги купат затоа што се значително скапи и не толку достапни кај нас.


Сашка Кузманова

- Долго време се занимавам со хуманитарна работа. И кога почнав секојдневно да се соочувам со лица што боледуваат и се борат со најлошата болест, карциномот, и по долгото истражување на интернет, контактирање со странство, дојдов до заклучок дека во Македонија не постои вакво нешто, а и тоа како ни е потребна ваква гранка - за изработка на перики - со цел да им помогнеме и да им го олесниме животот на оние на кои им е најтешко. Затоа одлучив да простудирам, да научам да изработувам перики од природно влакно - вели Сашка.

Првпат во Македонија се изработуваат перики од природно влакно


Досега процедурата се одвиваше така што се собираше природна коса и се испраќаше надвор од Македонија затоа што немавме компанија која изработува природни перики.



- Зошто косата да се испраќа надвор од Македонија кога ние тука имаме многу онколошки пациенти на кои им требаат перики и ќе им значи многу доколку им ги овозможиме. Ќе можеме да измамиме нечија насмевка, ќе можеме да им го олесниме патот во нивната борба со оваа сурова болест. Ако претходно периките служеле само како моден додаток, денес тие им даваат самодоверба на лицата што се соочуваат со карциномот. Им даваат волја дека можат да изгледаат убаво, кога ќе се погледнат во огледало, се гледаат такви какви што биле претходно - дополнува Кузманова.

Сашка успеала да го совлада занаетот за две години.



- Благодарение на моја случајна пријателка од странство, која ме научи како да ги изработувам овие перики, иако процесот беше макотрпен и траеше речиси 2 години, јас успеав и со гордост можам да кажам дека конечно во Македонија постои фирмата „Инфинити лајф КС“ - Кавадарци, која е прва во Македонија што изработува перики од природно влакно - ни сподели Кузманова.

За една перика е потребен речиси еден месец

За да се изработи една перика, потребни се време, трпение, внимателност, темелност.



- Периките не бараат брзање, со оглед на тоа дека една перика се изработува рачно, согледуваме дека треба многу време, се изработува влакно по влакно и целата процедура трае околу еден месец. За да се изработи една перика, потребни се околу 7-12 опавчиња од над 25 сантиметри, во зависност од густината и должината на периката. „Инфинити лајф КС“ постои веќе една и пол година, а за тој период имам подарено 34 перики. Почнав да соработувам со многу фризерски салони кои секојдневно донираат коса, секојдневно добивам повици од лица што сакаат да донираат и многу, многу дечиња кои уште од мали нозе ја покажуваат хуманоста, а особено ми е драго што почнуваат да ме контактираат и надвор од Македонија со цел да подарат коса за да израдуваат некого - нѐ информира Кузманова.

Периките се подаруваат транспарентно, односно низ цела Македонија, досега речиси во секој град има подарено по неколку и нејзината мисија продолжува понатаму.



Да помогнеме каде што можеме

За да не дојде до злоупотреба на периките, лицата на кои им подарува перика мора да имаат документација дека се онколошко-хематолошки пациенти, а со тој документ секој од нив ќе добие перика.

- Идејата и мотивот ми беа токму тие пациенти. Процесот низ кој минуваат е многу долг, но пред сѐ скап. Знаејќи дека терапиите се многу скапи и дека не може секој да си обезбеди перика од природно влакно, а знаеме дека голем дел од онколошките пациенти добиваат исип од синтетички материјали - перики, тоа ми даде мотив и желба да им излезам во пресрет, односно да им го олеснам патот и да измамам нечија насмевка. Затоа што, верувајте, денот кога се подарува периката и се става на главата на пациентот, не се заборава. Таа насмевка, тие солзи од радост и среќа, а сознанието дека причината за нив сте токму вие, едноставно не се опишува, само се доживува. Тоа е нешто што го полни срцето. Затоа ги повикувам сите компании во Македонија што сакаат да помогнат, да ме исконтактираат, да ја дадат својата поддршка и заедно да помогнеме и да насмевнеме некого. Затоа што заедно можеме да усреќиме многу повеќе лица.



За крај, ќе кажам дека тие што се борат со оваа болест за мене се најхрабрите борци, тие можат и ќе успеат да го поминат овој трнлив пат. А јас сум тука - рамо до рамо со нив, ја имаат мојата поддршка. Ќе направам сѐ што е во мојата моќ за повеќе насмевки и исполнети срца. Затоа што секоја поддршка е важна, но заемната е мотив дека можеме многу повеќе. Полека-полека докажуваме дека љубовта, хуманоста и поддршката ја враќаат добрината во секое срце - истакнува Сашка Кузманова.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема