X
 18.11.2021 Живот

Дали затворањето на невакцинираните во Австрија ги прекршува човековите права?

Расте бројот на заразени со коронавирус низ Европа и покрај масовните кампањи за вакцинирање. Во центарот на вниманието сега е Владата на Австрија, која ги обвинува невакцинираните жители за ширењето на болеста низ земјата. Беше најавено ново затворање за оние што не се вакцинирале против ковид-19. Дали оваа мерка ги нарушува човековите права според Европската конвенција за човекови права?

Австрискиот канцелар Александар Шаленберг вели дека целта на мерката е да се вакцинираат, а не да се затворат невакцинираните. Целта е да се поттикнат луѓето да се вакцинираат без да се воведе задолжителна вакцинација.

Сепак, каква било тужба за дискриминација веројатно не би била успешна во овој случај. Недостигот на антитела против одредена болест не е „заштитена карактеристика“ според законите за дискриминација, пишува Алан Грин од Универзитетот на Бирмингем за „Конверзејшн“.


Фото: Виена/Pixabay

Европскиот суд за човекови права годинава пресудил дека задолжителната вакцинација на децата против одредени болести не ги прекршува човековите права. Случајот е поврзан со мерка во Чешка која бара од децата задолжителна вакцинација против 9 болести за да одат во градинка.

Судот пресудил дека мерката не ги прекршува човековите права бидејќи има цел да ги заштити здравјето и животот на заедницата. Соодветно, секоја мерка за задолжителна вакцинација сама по себе не ги прекршува основните правила во конвенцијата.

Сепак, секој случај е различен и мерката во Австрија може да биде тема за дебата. Според Европскиот суд за човекови права во случајот со Чешка, државите имаат „широки маргини на вреднување“ кога оценуваат како да најдат баланс помеѓу индивидуалната слобода и поголемото добро. Затоа, судот не би сакал да се меша во овие случаи.


Фото: Pixabay

Претходно не бил прифатен случај во кој пратеник во романскиот парламент тврдел дека мерките за затворање се штетни за него, но не успеал да докаже на кој начин.

На крајот, според судот, мерките за ограничено движење се „ограничување“, а не лишување од слобода и затоа не ги прекршуваат човековите права. Ваквите мерки би можеле да прекршуваат други права, како правото на приватен семеен живот или правото на слобода на здружување, но толкувањето зависи од случајот и од државата.

Извор: The Conversation
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот