X
 27.03.2017 Здравје

Дали имате доволна количина витамин Д во телото?

Витаминот Д се создава во нашата кожа преку директна изложеност на сончева светлина. Потоа, црниот дроб и бубрезите го конвертираат во употреблива форма. Овој витамин е насушно потребен за цврсти коски и заби, бидејќи ни помага во апсорпцијата на калциумот што го конзумираме и истовремено ја контролира количината на калциумот во крвта. Навистина е важно да го одржуваме нивото на витаминот Д во нашиот организам, затоа што ако имаме недостаток од овој витамин, нашето тело нема да го впива калциумот што го примаме преку исхраната.

Не постојат видливи знаци на недостаток од витамин Д. Доколку нивото на витаминот Д во организмот е ниско, постои опасност од слабеење на коските што доведува до состојбата позната како остеомалација. Сериозниот недостаток кај децата може да резултира со мек череп или ножни коски кои може да се искриват, а таа појава се нарекува рахитис.

Колку сонце ни е потребно?

Тешко е да се даде точна препорака за изложеност на сончева светлина, особено во летниот период. Тоа се должи на фактот што многу други фактори влијаат врз количеството на витаминот Д што се создава во кожата, вклучувајќи ги бојата на кожата и возраста, јачината на сончевата светлина, периодот во денот и местоположбата на живеење. Неодамнешниот извештај на SACN (Scientific advisory committee on nutrition) укажува дека секој повозрасен од една година треба да прими 10 микрограми витамин Д дневно за да ги одржува здрави коските и мускулите. Дополнително, од службата за јавно здравје препорачуваат во текот на зимскиот период витаминот Д да се конзумира преку суплементи, доколку исхраната не ги обезбедува потребните количини. 

Секако, треба да се има предвид дека претераната изложеност на сончева светлина може да предизвика сериозни оштетувања што можат да се развијат во рак на кожата. Практикувајте умерена изложеност на сонце без заштитен фактор наутро и доцна попладне, а во другиот дел од денот осигурајте се дека сте добро заштитени од сончеви изгореници.

Што влијае врз нивото на витаминот Д во телото?

Неколку различни фактори може да влијаат врз нивото на витаминот Д во телото: пигментацијата, возраста, годишното време, облеката и употребата на заштитни фактори. Повозрасните луѓе кои имаат потенка кожа а со тоа и помала способност да го создадат овој витамин од младите луѓе.

Витаминот Д во исхраната

Масните риби се храна која природно во себе го содржи витаминот Д, а тука спаѓаат: скуша, сардина, конзервиран лосос, харинга и димена риба. Некои продукти содржат мали количини витамин Д, како што се, на пример, житарките, детската храна и маргаринот. Помали количини има и во јајцата и некои црвени меса (паткино, гускино, месо од фазан и срнешко месо). Мајчиното млеко, исто така, содржи витамин Д, но доилките мора да проверат дали имаат доволно количество од витаминот во организмот, зашто и тоа влијае врз нивото на витаминот Д во млекото.   
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје