На членовите на семејството Тапшанови кампувањето и патувањето низ светот им е стил на живот, вистинска инвестиција во себе и во своите доживувања и спомени. Повеќе од еден месец домот им е таму каде што ќе ја постават приколката. Го живеат животот по компас, а не по часовник. Главен фокус им е да уживаат во дестинацијата, да го наполнат резервоарот со убави чувства и доживувања, да шетаат, истражуваат
Има една изрека која вели дека кампувањето е потреба, а не избор. На членовите на семејството Тапшанови кампувањето и патувањето низ светот им е стил на живот, вистинска инвестиција во себе и во своите доживувања и спомени.
Повеќе од еден месец домот им е таму каде што ќе ја постават приколката. Драган и Едит патуваат со својот двегодишен син Марк низ Европа, откриваат нови интересни точки на планетата, истражуваат нови дестинации, се насладуваат со авантури. Крајна точка им е најсеверниот дел на Норвешка. Тие не патуваат само за да пречкртаат земји од мапата за патување, туку вистински се поврзуваат со местата и неосетно се претвораат во создавачи и раскажувачи на приказни.
Живеењето во приколка е удобно
Унгарија, Германија, Австрија, Чешка, Полска, Шведска се маркирани на нивната листа за патување месецов. Поминаа над 2.000 километри и уживаа во прекрасна природа, паркови со бујна вегетација, реки, езера, места полни со знаменитости.
- Отсекогаш сме биле семи-номади, само не со приколка. Сега единствен избор ни беше приколката поради пандемијата, поради вирусот што лично нам ни го смени животот. Азија ни беше забранета, не можевме да одиме до пред некој недела, па приколката ни беше решение за авантура во Европа - вели Драган Тапшанов.
Споделува дека деновите ги минуваат супер организирано и дека имаат удобен живот во неа.
- Секогаш ни биле доволни неколку квадратни метри, така што иако нашата приколка е мала, доволна е за нас и за нашите потреби. Живеењето во приколка е удобно - вели Тапшанов.
Планинарење, риболов, фотографирање
Нивна крајна дестинација е Норвешка.
- Одиме до Нордкап, најсеверната точка на континентална Европа. Требаше да одиме преку Русија, но војната ни ги смени плановите - дополнува Драган.
Го живеат животот по компас, а не по часовник. Главен фокус им е да уживаат во дестинацијата, да го наполнат резервоарот со убави чувства и доживувања, да шетаат, истражуваат. Агендата им е флексибилна и секогаш има време за сѐ што ги исполнува и радува.
- На едно место седиме колку што ни се седи, имаме мапа по која се движиме и по пат одбираме кампови (организирани или диви). Времето го трошиме како ќе ни текне, на планинарење, риболов, фотографирање, јадење, спиење и кога треба, одиме во маркет - појаснува Драган.
Единствена пречка или непријатност може да им предизвика лош пат, лоша навигација, метеж на патот...
- Се случува и да заглавиме некаде низ улички, па да се мачиме да маневрираме со приколката. Најчесто тоа ни се проблемите - вели Драган.
Номадскиот живот е рај за деца
Утрата се полни со среќа, со нови хоризонти, боите на природата, неизвесниот тек на номадскиот живот, истражувања... кои во буквална смисла на зборот им даваат нова енергија и силен предизвик. Веќе се чекираа во камп во Австрија, ја посетија Јужна Моравија во Чешка. Беа единствени гости во кампот во Полска. Имаа неверојатно искуство во каменестиот град Адршпах. Место кое некогаш било море, а по неговото исчезнување ветерот и водата го сториле своето. Локација која е на границата помеѓу Чешка и Полска. Стигнаа и до Балтичкото Море. Направија преглед и на Саксонска Швајцарија, национален парк околу долината на реката Елба во Германија. И каде уште не…
- Веќе сме еден месец на пат, ја поминавме цела централна Европа, па за некој ден ќе се качиме на брод за Шведска. Марк ужива во кампинг-авантурата, како друго дете е. Возбуден е цело време, разигран, спие подолго зашто постојано сме во движење и нонстоп е уморен. Кажува зборови на полски, германски итн. што ги учи од деца со кои си игра по камповите. Овој начин на живот е рај за дечиња - раскажува Драган.
Супер брзо се приспособуваат на временските услови, вклучително и Марк. Една недела се на капење во вода, следна со зимска опрема. Велат дека секој дел од патувањето им е омилен и уживаат од „а“ до „ш“. Следна дестинација им е Скандинавија, со брод одат за Шведска. И велат дека никогаш не им е доста од различни култури, кујни, лица и приказни.
Фото: приватна архива