Летото 2026 е конкретна илустрација за сложеноста на климатскиот ризик: високите температури и сушниот сигнал се надополнуваат со висок ризик од пожари, но истовремено постои можност за нагли и силни конвективни невремиња. Најважниот одговор не е да очекуваме екстремите да исчезнат, туку да изградиме систем во кој опасниот настан нема да нè изненади, а неговото влијание ќе биде минимизирано преку подобра прогноза, рано предупредување, адаптација и навремено дејствување, вели д-р Владо Спиридонов, редовен професор на Институтот за физика при ПМФ - Скопје и поранешен визитинг-професор по метеорологија на Универзитет во Виена
Сè поизразените високи температури, невремиња, силни ветрови, сушните периоди и екстремните временски појави го наметнуваат прашањето колку Македонија е подготвена навреме да ги препознае и да предупреди на ризиците што ги носи променливата клима. Во својата
детална научна анализа за метеоролошките и климатските ризици во Македонија: од прогноза кон навремено предупредување, проф. д-р Владо Спиридонов укажува на потребата од поинаков, интегриран пристап кон временските и климатските ризици.
- Во последните години Македонија е сè поизложена на високи температури, сушни периоди и различни форми на екстремни временски појави. Овие промени треба да се разгледуваат во контекст на климатските промени, глобалното затоплување, нестабилноста на климатскиот систем, кое и ја менува почетната состојба во која се развиваат временските системи. Во потопол климатски систем атмосферските процеси се одвиваат во поинаква почетна средина - со повеќе енергија и топлина и, во многу ситуации, повеќе расположлива влага. Тоа не значи дека секој конкретен екстрем е директна последица на климатските промени, туку дека променетата почетна состојба може да влијае врз веројатноста, интензитетот, траењето и последиците од одредени настани. Летото 2026 година е добра илустрација. Во значителен дел од Македонија се забележува негативен SPI, односно дефицит на врнежи во однос на климатолошки очекуваните услови. Во Скопје сушниот сигнал е особено изразен во јули и во август. При високи температури овој дефицит има дополнително значење бидејќи зголеменото испарување ја зголемува загубата на вода од почвата и вегетацијата.
Затоа денес е потребно да зборуваме за интегриран, а не изолиран ризик. Топлината го засилува испарувањето, сушата го зголемува пожарниот ризик, а по долгиот топол и сушен период не се исклучува развојот на силни конвективни бури. Во истиот сезонски контекст можат да се појават и суша и краткотрајно, но екстремно невреме - објаснува Спиридонов.
Најголем предизвик се комбинираните ризици – кога една опасност создава услови за друга
За Македонија, особено се значајни топлотните бранови и продолжените топли периоди, сушите и шумските пожари, екстремните краткотрајни врнежи, поројните поплави, градот и силните конвективни бури со опасни ветрови.
- Најголем предизвик се комбинираните ризици – кога една опасност создава услови за друга. Скопје има дополнителна ранливост поради формирањето на езера на многу топол воздух или урбани топлински острови. Густата изградба, асфалтните и бетонските површини и ограниченото зеленило го зголемуваат топлинскиот товар, додека Скопската Котлина и околните планински подрачја се чувствителни на развој и преминување на конвективни системи, поројни врнежи и силни ветрови - истакнува професорот Спиридонов.
Тој ни ја сподели и актуелната состојба и очекувањата од 16 август до 15 септември 2026.
- Најновиот ECMWF IFS излез со иницијализација на 16 август 2026 во 12 UTC покажува краткотрајно попуштање на температурите на 17-19 август, по што следува повторно и значително затоплување. За Скопје се прогнозираат максимални температури од 35,6 °C на 20 август, 36,6 °C на 21 август, 37,8 °C на 22 август, 37,5 °C на 23 август, 37,5 °C на 24 август, 37,6 °C на 25 август и 39,1 °C на 26 август. Според применетиот дијагностички критериум – августовски климатолошки Tmax 32,4 °C, праг 37,4 °C и најмалку пет последователни дена – најновиот излез идентификува формален топлотен бран од 22 до 26 август 2026, со пик од 39,1 °C на 26 август. Ова е појасен и посилен сигнал од претходната прогноза за потенцијална топлинска епизода - детално ни сподели тој.
По 26 август се очекува постепено намалување на температурите, но сезонскиот сигнал останува релативно топол во првата половина на септември, со дневни максимални температури претежно над 30°C во почетокот на месецот и постепено заладување кон средината на септември. Оперативниот IFS во достапниот период покажува само мали количини врнежи околу 18 август (0,20 mm) и 24 август (0,06 mm).
- Овој сигнал е особено важен бидејќи се надоврзува на претходно акумулираниот сушен стрес. Во август ансамблскиот среден Fire Weather Index (FWI) за Македонија е 32,05 – категорија High, додека во најнеповолното ансамблско сценарио достигнува 106,87 – Very Extreme. Во септември просечниот FWI се намалува на 21,04 – Moderate, но најнеповолното сценарио и понатаму достигнува 78,52 – Very Extreme. Тоа не значи дека целата земја ќе биде постојано во екстремна категорија, туку дека постојат сценарија со потенцијално многу висок пожарен ризик. Пример за комбиниран ризик е невремето од 21 јули 2026 година, кога силно организиран конвективен систем предизвика екстремни (урагански) ветрови и downburst процеси. Во Скопје биле регистрирани удари на ветер до околу 134 km/h. Радарските, моделските и податоците за атмосферскиот електрицитет укажувале на длабока и интензивна конвекција. Настанот покажа дека дури и во топол и сушен период може многу брзо да се развие опасна конвективна бура. Затоа ризикот за Скопје не треба да се проценува само преку температурата. Потребен е истовремен мониторинг на топлина, суша, ризик од пожари, силен ветер и поројни врнежи - објаснува нашиот соговорник.
Климатските промени не можат да се запрат со мерки преземени само во една држава, но последиците можат да се намалат
Основниот климатски фактор на зголемувањето на екстремните временски појави е глобалното затоплување на планетата, кое ја менува енергетската и водната состојба на климатскиот систем.
- Потоплиот воздух може да содржи повеќе водена пара, додека повисоките температури ја зголемуваат испарувачката побарувачка. Истовремено, влажноста на почвата, температурните градиенти и атмосферската циркулација влијаат врз развојот и организацијата на временските системи. Современата метеорологија денес располага со високорезолуциски нумерички модели, ансамбл-прогнози, метеоролошки радари, сателитски набљудувања и системи за детекција на молњи. Тоа значително ја подобрува способноста за рано препознавање на опасни временски ситуации. Но, кај силните конвективни бури и понатаму постои значајна неизвесност во точната локација, времето на појава и максималниот интензитет. Затоа, современата метеорологија преминува од прашањето: „Какво ќе биде времето?“ кон „Што ќе направи времето, каде е најголемиот ризик и кој може да биде погоден?“ Тоа е суштината на Impact-Based Forecasting – прогнозата да се претвори во информација за ризик и конкретно дејствување - вели Спиридонов.
Климатските промени не можат да се запрат со мерки преземени само во една држава, но последиците и изложеноста можат значително да се намалат.
- Најважно е да се премине од реактивен кон превентивен пристап, подобро управување со водните ресурси и подготовка за сушни периоди, климатски отпорно земјоделство и поефикасно користење на водата, активно управување со шумите и системска превенција од пожари, повеќе урбано зеленило, сенка и мерки за намалување на урбаните топлински острови, подобра инфраструктура за одведување на екстремни врнежи и климатски отпорна критична инфраструктура. Модерни системи за рано предупредување и јасна комуникација со граѓаните. Намалување на емисиите преку енергетска ефикасност и енергетска транзиција - посочува професорот.
Спиридонов додава дека се потребни и ублажување на климатските промени и адаптација.
- Ублажувањето (mitigation) е неопходно за ограничување на понатамошното затоплување преку намалување на емисиите. Но, дел од климатските промени веќе се вградени во системот, па адаптацијата е неизбежна. За Македонија, тоа значи дека треба истовремено да ги намалуваме идните климатски ризици и да се подготвуваме за оние што веќе ги чувствуваме. Затоа една од најважните стратешки инвестиции треба да биде национален мултихазарден систем за рано предупредување. Таквиот систем треба да ги интегрира нумеричките модели и ансамбл-прогнозите со радарски и сателитски набљудувања, детекција на молњи, хидролошки податоци, SPI, индикатори за топлотен стрес, FWI и информации за активни пожари - изјавува Спиридонов.
Според него, на национално ниво тоа значи подобра координација и инфраструктура за предупредување; на локално ниво – урбано и просторно планирање според климатски ризик; а за граѓанинот – навремена, јасна и разбирлива информација што треба да направи.
- Крајниот производ не треба да биде само порака „ќе има силен ветер“, туку: каде, кога, со каква веројатност, што може да биде погодено и како треба да се реагира. Во услови на забрзани климатски промени, метеоролошките и климатолошките процеси треба да се толкуваат врз основа на стручно знаење, научна методологија и познавање на атмосферската физика. Интердисциплинарноста е значајна, но експертизата во една научна област сама по себе не претставува компетентност за толкување на процесите од друга специјализирана област. Споделувањето анализи и научни објаснувања е придонес кон подобро информирање и не претставува преземање институционална улога или надлежност. Науката не презема надлежности - таа создава знаење, го објаснува ризикот и го става своето знаење во служба на општеството - завршува Спиридонов.
Фото: приватна архива