Вчера во скопската гимназија „Орце Николов“ вторпат се одржа „Орцашката вечер на поезијата“. Настанот се одржува во рамките на патронатот на училиштето, односно Денови на Орце. Учениците што учествуваа на манифестацијата читаа и рецитираа поезија од македонски и странски автори, а покрај нашите ученици, поезија читаа и гостинските ученици од словенечката гимназија „Пољане“.
Вечерта беше отворена со рецитирање на песната „Во собата на Дениција“, проследена со балетска изведба и обраќање на директорот на гимназијата, Митко Димовски.
- Голема благодарност до учениците за целата организација. Овој настан се случува вторпат, минатата година беше обележан Светскиот ден на поезијата, 21 Март, а оваа година како завршен дел од циклусот Денови на Орце. Се одржаа натпревари во шах, фудбал и музичка вечер, така што овие денови на „Орце“, или постоењето на нашата гимназија (68 години), ги завршуваме со „Орцашка вечер на поезијата“ - кажа тој.
Поетската вечер беше збогатена со присуството на познатите поети и поетеси од Македонија – Андреј Ал-Асади, Јулијана Величковска, Славица Гаџова-Свидерска, Андреј Медиќ-Лазаревки и Ѓоко Здравески.
Читањето се одвиваше во два круга со десетина ученици во секој круг, во холот на училиштето, и беше настан од отворен карактер - со публика. Иницијатор и ментор во целиот настан беше професорката по македонски јазик и литература Драгица Јанкуловска, која втора година по ред соработува со учениците љубители на поезијата.
- Идеите за „Орцашката вечер на поезијата“ започнаа со стартот на учебната година, значи уште од септември, повторно поттикнати од желбата да се слави поезијата. Се споделија многу размисли, идеи, сугестии, кои се запишаа на хартија, се дополнија и изменија, за на крај да се реализираат на вечерашниов настан - изјави Јанкуловска.
На прашањето дали поезијата како уметност на пишување сè повеќе е популарна меѓу младите, таа одговори дека настаните како овој го потврдуваат тоа.
- Верувам дека е. Тоа е моето искуство, а настани како вечерашниов го потврдуваат тоа. Треба само малку да се поттикнат и насочат, на вистинскиот начин да ја читаат, доживуваат и пишуваат. Поезијата, како и секоја уметност, ги запознава со емоциите, а преку нив и со самите себе, воведувајќи ги во нови светови, желби и сознанија - рече професорката.
Возбуда владееше и помеѓу учениците кои се најдоа во улога на поети. Една од поранешните ученички на гимназијата, која рецитираше поезија, го сподели своето искуство и впечатоци од целата манифестација.
- Најблизу до магија што сум почувствувала беше токму „Орцашка вечер на поезијата“. Емоции, солзи радосници, аплаузи, полни срца и насмевки! Подготовките започнаа уште на почетокот од септември, а активно се подготвуваме и дружевме околу два и пол месеци. Синхронизацијата на тимовите зад и на сцената беше плод на љубовта кон настанот, дисциплина и посветеност - сподели Јована Стаматовска.