Наставничката-активистка од Битола со нашинци од Австралија ќе ги реновира тоалетите во училиштето во Битола, штипјанецот Дарко Стојановски, невработен, доктор по праисториска археологија, учествуваше во ископувањата на филипинскиот остров Лузон каде што археолозите пронајдоа остатоци од нов човечки вид, тројца матуранти од скопската гимназија „Панче Арсовски“ направија своја верзија на популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“ за петка по филозофија, како е да се биде мајка на надарено дете... Ова се само дел од темите што ги објавивме минатата недела
Битолската наставничка Марија-Магдалена Петковска-Микаровска, позната по прекарот Класнето, со уште една акција покажа колку е важен активизмот на поединецот. Таа иницира меѓународна помош за да се реновираат тоалетите во училиштето каде што предава англиски јазик - средното медицинско „Д-р Јован Калаузи“ од Битола. За неколку недели преку GoFundMe веќе се собрани над 14.615 евра од 20.500 евра колку што се потребни за да се среди големиот проблем со руинираните тоалети, стар многу децении. Донациите доаѓаат од хумани луѓе од Австралија, Кина, Филипините, Нов Зеланд, Малта, Канада, САД. Интересно е како настана овој проект. За тоа е заслужна Медисон Ристевски, средношколка од Волонгонг, Австралија.
Класнето со учениците
Дарко Стојановски, невработен, доктор по праисториска археологија кој живее во Штип, учествуваше во ископувањата на филипинскиот остров Лузон каде што археолозите пронајдоа остатоци од нов човечки вид. Наречен по местото каде што се пронајдени остатоци,
homo luzonensis е новиот прапредок на денешниот човек и науката го потврди тоа.
Дарко Стојановски
- Во истражувањата во пештерата Калао бев вклучен како магистранд на Универзитетот во Ферара (Италија), кој е дел од конзорциумот научни институции што работат на овој проект, инаку раководен од Универзитетот „Дилиман“ во Манила, Филипини. Тоа беше меѓународен тим составен од специјалисти од повеќе области поврзани со археологијата и антропологијата, ни откри Стојановски во интервјуто за Факултети.мк.
Тројца матуранти од скопската гимназија „Панче Арсовски“ направија своја верзија на популарниот квиз „Кој сака да биде милионер“ како дел од проектна задача по предметот филозофија. Почнат како шега, квизот има две епизоди, а сега учениците едвај чекаат да седнат на жешкото столче.
„Добре дојдовте драги гледачи во 'Кој сака да биде филозоф', вашиот омилен квиз кој го работиме две недели по ред за петка кај Љубе, која инаку може да ја добиеме за половина час учење. Но, тоа не е важно“. Вака ја почнува втората епизода водителот Мартин Весков, кој е матурант. Интерeсни шеги паѓаат во текот на целиот квиз, но има и многу учење. Квизот содржи прашања од предметите по филозофија, информатика, социологија...Со Мартин, Андреј, Илија и нивниот професор Љубе се сретнавме во гимназијата. Тие ни раскажаа како почнале со проектот и какви им се плановите за во иднина.
- Буџетот за првата епизода беше 160 денари, кои ги потрошивме за „пепси“ и чипсови. Снимаме во домот кај Андреј бидејќи само тој има празен кат. Сѐ беше спонтано. Првото видео ни беше ниско квалитетно, го снимавме со телефони, но за второто набавивме поквалитетна опрема - вели Мартин.
Матурантите Мартин, Андреј и Илија
Со проф.
д-р Даворин Трпески од Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет од Скопје поразговаравме за значењето на врховниот празник во христијанската религија – Велигден, но и за поважните обичаи што со генерации се пренесуваат кај народот. Обичаите се тесно врзани со религијата на нашиот народ. Тој ни откри која е симболиката на бојосување на јајцата во црвена боја.
д-р Даворин Трпески
- Накратко, јајцето претставува супститут на почетокот и на плодноста. И тоа е универзално прифатена симболика. Ја има кај многу народи, па така и кај нас. Симболизира нов почеток, нов живот. Практиката на користење јајце при одредени обредни активности во македонската народна култура, а и во соседството, во минатото била многу застапена. Постојат податоци дека користењето вапсано јајце во обредни активности се практикувало уште пред повеќе од 2500 години на териториите на Месопотамија и Персија, а тоа е далеку пред појавата на христијанството. Едноставно, христијанството ја прифатило оваа практика и ѝ дало свое значење и истото било поврзано со воскреснувањето и со започнувањето нов живот по смртта. Слично е и со црвената боја. Често, речиси насекаде, се поврзува со здравјето и со животот.
Здраво, јас сум Христијан Арсов, имам осум години и ќе ви кажувам како настанал универзумот. Ќе ви кажам сè за галаксии, за ѕвездите. Кога имав шест години, почна да ме интересира астрономијата. Си гледам вакви видеа на интернет, некои сум ги гледал и по десет пати. Некогаш кога ми е досадно си гледам и цртани. И на училиште некогаш ми е досадно, па почнувам да им кажувам за овие работи на другарчињата. Им кажувам сè повеќе и повеќе, па тие велат дека им е сè подосадно и подосадно...
Борка и Христијан
Овие зборови на малиот Христијан предизвикаа безброј симпатии и насмевки во преполната сала на панел-дискусијата на тема „Развој и поддршка на талентирани деца“, која Фондот за иновации и технолошки развој во партнерство со Факултети.мк ја организира пред еден и пол месец во Скопје. Дискусијата беше почеток на иницијативата за зголемување на свеста на јавноста за надарените и талентирани деца во нашата земја и пронаоѓање на најсоодветно системско решение за нивната идентификација и развој.
Малиот Кико сосема случајно го пронајдовме пред една и пол година, додека тимот на Факултети.мк правеше повеќе репортажи од Велес. Психологот од Основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ рече дека имаат натпросечен ученик. За неколку дена Христијан и неговата мајка Борка Југова-Арсов ни дојдоа на гости. Кико имаше седум години, без проблем напамет множеше два троцифрени броја, раскажуваше за галаксии, се одушеви од карикатурата на која Питагора и Алберт Ајнштајн се пречкаат за „це на квадрат“. Со неговата мајка Борка разговаравме за сите предизвици, но и проблемите со кои се соочуваат родителите на надарените деца.
Џиновско велигденско јајце, високо 3 метри, тешко 600 килограми, е поставено на плоштадот во Свети Николе. Идејата на светиниколскиот градоначалник Сашо Велковски ја реализираат двајца наставници од основното училиште „Кирил и Методиј“. Тимот една недела интензивно работеше во хангар на поранешна текстилна фабрика, каде што и првично е изработена конструкцијата. Поради големината на објектот кој треба да прерасне во симбол на градот, и сликањето се одвивало во хангарот.