X
 28.08.2019 Наша тема

Македонска Каменица ја нападнаа вонземјани! Погледнете го филмот на Андреј направен за нула денари

Ѓорѓиевски е автор на сценариото, режисер, снимател... Го снимил за три дена со помош на неколку пријатели и без професионални актери


Напад на Земјата од страна на вонземјани е една омилените теми на филмаџиите во светот. Но, и во Македонија се снимаат филмови на тема научна фантастика. Дека тоа може добро да се направи за нула денари, заедно со најдобрите пријатели, еден куп ентузијазам, креативност и талент, тоа најдобро го покажува Андреј Ѓорѓиевски, автор на краткиот филм The Annexation („Анексија“).


Андреј и Јане на сет

Двајца главни актери

Д
ејството се случува во Македонска Каменица. Една вечер градот го напаѓаат вонземјани, а единствен што ја преживеал инвазијата е војник. Тој го бара спасот во планините, но и таму го чекаат предизвици.

Ѓорѓиевски е автор на сценариото, режисер, снимател... Го снимил за три дена со помош на неколку пријатели и без професионални актери. Како успеал да го направи ова дело без да вложи пари?

- Сета опрема е моја, а целиот пред- и постпродукциски процес го работев јас - режија, снимање, монтажа, колор-корекција, звук, визуелни ефекти и анимации - вели тој.


Дејството се случува во Македонска Каменица

Главни актери се Јане Стојменовски, негов другар и дедото на негов пријател, Стево Стаменковски.
- Знаејќи ги Јане и дедо Стево цел живот, не ни беше тешко да го изведеме ова, а на крај моите очекувања беа надминати. Не беше тешко ниту да се убеди дедо Стево да се снима. Го прашав на денот на снимање и веднаш прифати, а на крај ги покажа и своите таленти. Му дадов само кратки инструкции, а тој си додаде свои автентични елементи и сѐ сработивме во првиот обид - раскажува Андреј.



Гледајте го на „Јутјуб“

Тој дипломирал на насоката Индустриски дизајн на Машинскиот факултет во Скопје. Се занимава со видео, фотографија, графички дизајн и motion graphics. Фанатик е на офроуд-авантури, планински велосипедизам и многу сака да поминува време во природа.
Бидејќи отсекогаш сакал да гледа СФ-филмови, решил и да сними нешто.
- Отсекогаш сум бил љубител на СФ-жанрот. Откако почнав да се занимавам со видео, сакав да снимам нешто поврзано со научна фантастика и еве, по многуте сработени проекти и собраното искуство, дојде време да го реализирам овој чекор.



Филмот за само три дена го снимиле во Македонска Каменица и околината. Бидејќи е по потекло од овој град, не му било тешко да ги најде локациите.
- Познавајќи ја многу добро околината на Каменица, релативно лесно ги избрав локациите погодни за приказната на филмот. Како и да е, со оглед на буџетот, самата приказна беше диктирана од избраните локации. Темата на филмот, како што открива насловот, е инвазија од вонземјани со еден пресврт - не се освојува Америка, туку Македонска Каменица.


Се подготвува оружјето на главниот актер

The Annexation трае 10 минути и веќе е достапен на „Јутјуб“, а минатата недела имаше и промоција во Домот на културата во Македонска Каменица. Андреј живее на релација Македонска Каменица - Скопје. Вели дека младите во овој град се прилично демотивирани.
- Има многу креативни млади со голем потенцијал. Се надевам дека со сѐ што правам ќе охрабрам многу од нив да го работат тоа што го сакаат - вели Андреј.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема