Главниот град на Португалија, Лисабон, го освои првото место на новиот „Индекс на среќа за време на одмор“ благодарение на одличната храна и многубројните зелени површини кои овозможуваат опуштен престој.
Патувањето понекогаш може да биде стресно. Понекогаш вреди да поминете неколку напорни денови за да откриете место што може да ви го промени животот, но не тежнееме секогаш кон себеспознавање и трансформација. Често само сакаме одмор што ќе ни помогне да се опуштиме и да се вратиме дома со позитивна енергија.
Агенцијата за патувања „Букритритс“ спровела истражување наречено „Индекс на среќа за време на одмор“ кое ги оценува дестинациите според пет критериуми: количина на сончева светлина, квалитет на сон, здрава исхрана во регионот, времето што може да се помине во природа и можностите за вежбање.
Биле оценети 47 дестинации во секоја категорија, а потоа резултатите биле споредени. По анализа на сите податоци, Лисабон се покажал како најсреќен град за посета. Според „Букритритс“, Лисабон е извонреден е во повеќе аспекти, а особено е привлечна неговата храна.
Португалската престолнина е полна со здрави ресторани, а во оваа категорија го зазеде второто место. Градот е компактен и лесен за движење пешки, а околните ридови, иако можеби не изгледаат привлечно по обилен оброк, сепак ви помагаат да останете во форма.
Исто така, Лисабон има многу зелени површини - речиси четирипати повеќе отколку Мадрид, а сонцето сјае 2.828 часа годишно. Кратко кажано, Лисабон постигнува одлични резултати во секој аспект на „Индексот на среќа“, што го прави јасен победник.
На второ место е Хелсинки, кој особено се истакнува по категоријата „поврзаност со природата“. Финска е позната како „среќно место“, па не е изненадување што овој град постигна високи резултати. „Букритритс“ го нагласува богатството на парковите и булеварите кои совршено се поврзуваат со шумските патеки, а бавното темпо на живот го прави идеален за патници кои бараат мирен одмор.
Третото место го зазеде Орландо. Сè додека се избегнува метежот, овој град на Флорида може да понуди прилично опуштен одмор. Иако постојат многу забавни паркови, градот нуди и доста зелени површини, плажи и сонце речиси преку цела година.
Меѓу првите пет дестинации се најдоа и Атина (Грција) и Единбург (Шкотска). Целата листа може да се види на веб-страницата на „Букритритс“.
Извор:
Klix.ba
Фото: Freepik