Кога се зборува за најголемите градови во светот, повеќето луѓе прво помислуваат на Токио, Њујорк или Шангај. Сепак, постои метропола за која многумина надвор од Азија никогаш немаат слушнато, иако во неа живеат повеќе од 18 милиони луѓе. Станува збор за кинескиот град Чонгкинг, град кој поради својот необичен изглед сè почесто завршува на социјалните мрежи и на листите со дестинации што треба да се посетат барем еднаш во животот.
Сместен на нерамен, ридски терен, на местото каде што се спојуваат тековите на Јангце и Ѓалинг, Чонгкинг се развивал во височина, па денес изгледа како град од научнофантастичен филм. Повеќекатните сообраќајници, мостовите што ги поврзуваат планинските падини и облакодерите вклопени во природниот релјеф создаваат сцени што ги збунуваат и најискусните патници.
Воз кој минува низ станбена зграда стана симбол на градот
Една од најголемите атракции на Чонгкинг е железничката станица „Лизиба“, каде што градскиот воз минува низ средината на една повеќекатница. На прв поглед изгледа како оптичка илузија, но станува збор за внимателно осмислено архитектонско решение што секојдневно го користат илјадници патници.
Благодарение на посебната звучна изолација и модерната технологија, станарите речиси и да не ја чувствуваат бучавата од возовите, додека туристи од целиот свет доаѓаат за да ја фотографираат оваа необична сцена која стана заштитен знак на градот.
Чонгкинг често го нарекуваат и „8Д град“ бидејќи неговите улици, мостови, тунели и пешачки патеки постојат на повеќе нивоа. Неретко се случува влезот во една зграда да се наоѓа на различни катови, во зависност од тоа од која страна ѝ приоѓате.
Посебно внимание привлекува пештерата Хонгја, историски комплекс издлабен во карпа кој е претворен во живописен трговски и туристички центар. Кога ќе се стемни и илјадници фенери ќе ги осветлат фасадите, овој дел од градот станува една од најфотографираните локации во Кина.
Зошто Чонгкинг стана светски хит?
Голема популарност на градот му донесоа патниците и инфлуенсерите кои на социјалните мрежи споделуваат снимки од неговите футуристички пејзажи.
Освен импресивната инфраструктура, градот е познат и како појдовна точка за крстосување низ познатите Три клисури на реката Јангце, но и како еден од најважните економски центри во Западна Кина.
Сето тоа, заедно со уникатната архитектура и спектакуларните панорами, го прави Чонгкинг дестинација која сè повеќе ги привлекува љубителите на необични патувања и урбани авантури.
Извор:
24sedamr.rs
Фото:
Screenshot/Instagram