X
 29.01.2024 Наша тема

Како родителот да плаќа алиментација ако е невработен, објаснува адвокатката Билјана Славковска

Многу родители не се во можност да плаќаат алиментација, некои поради ниски плати, некои поради немање работа... Во вакви случаи адвокатите советуваат да се побара нова пресуда од судот. Дотогаш мора да се исплаќа според веќе донесената пресуда. Во спротивно, следува присилна наплата

Алиментацијата во многу случаи преминува во горлив проблем. Од неможност за плаќање алиментација многу татковци се соочуваат со проблем да најдат итно решение, средства и секако работа која ќе им помогне во тоа. А има и случаи кога многу мајки сами ги издржуваат своите деца поради тоа што многу татковци не сакаат да си ја исполнат обврската.
На нашата адреса стигна проблем од еден невработен тетко кој побара од нас да најдеме одговор и решавање на неговиот проблем.

-Веќе 5 месеци се борам да најдам вработување во фирма каде што ќе ми биде овозможено еден викенд во месецот да бидам слободен за да одржам средба со ќерката. Почнав да работам во две фирми каде што на почетокот ми беше ветено дека ќе се потрудат, ама кога требаше, се премислија и не ми дозволија да го користам тој период. Морав да дадам отказ за да можам да ја одржам средбата. Сега поради немање средства за да платам алиментација, ми се укинати, т.е. времено прекинати средбите и зимскиот одмор од 10 на 5 дена. Знам дека обврската да плаќам алиментација важи, но се поставува прашањето од која плата да платам 25 отсто ако се земе во предвид фактот што досега иако не сум бил во работен однос, сум плаќал исто како да сум бил, но тоа биле кратки периоди, т.е. додека да најдам друга фирма. Сега се прашувам колку е 25 отсто од 0 примања!? - посочува родителот.

При неможност за плаќање алиментација се упатува до судот да донесе нова пресуда


Со адвокатката Билјана Славковска разговараме за обврската за издршка и евентуални последици од нејзино неисполнување според Законот за семејство.

- Согласно актуелниот Закон за семејство, родителите се должни да обезбедат оптимални услови за здрав раст и развој на своето дете во семејството и општеството, па оттука, детето има право да биде издржувано од своите родители, да биде згрижено, да биде оспособено за самостоен живот и работа, да му се обезбедат оптимални услови за негово воспитување, школување и стручно оспособување. Доколку школувањето и стручното образование на децата продолжува и по полнолетството, родителите се должни и понатаму да ги издржуваат децата, сѐ до редовното завршување на школувањето, но најдоцна до навршување 26-годишна возраст. Оттука, според одредбите од Законот за семејство, обврската за издржување на децата е заедничка за родителите, без разлика дали се во брачна или вонбрачна заедница или веќе разведени/разделени. Кога се во брачна/вонбрачна заедница, родителите ги извршуваат овие обврски согласно меѓусебен договор. Но во случај на развод, судската одлука содржи обврска за издржување на детето/децата за родителот кому нема да му припадне старателството (алиментација). За вонбрачните заедници, кога партнерите ќе се разделат, надлежниот ЦСР носи решение за старателство, а граѓанскиот суд ја определува издршката. Од денот на правосилност на судската одлука за издршка, па во иднина, оваа пресуда се извршува сѐ додека кој било од родителите во иднина не побара од судот да донесе нова пресуда, било да се работи за зголемување, намалување или укинување на издржувањето досудено со поранешна правосилна пресуда. Законодавецот, всушност, ја предвидел оваа можност со оглед на долгорочноста на обврската, па голема е веројатноста да се променат околностите врз основа на кои е донесена одлуката, на пример, промена во статусот – вработен/невработен, промена на висината на приходите поголеми/помали, возраста на детето, а со тоа и зголемувањето на обемот на неговите потреби или стекнување статус вработен од страна на самото дете пред 26 години итн. - нѐ информира Билјана Славковска.



Присилна наплата во екстремни случаи

Како што потенцира таа, додека е во сила пресудата во која е содржана обврската за издршка, родителот кој е задолжен со ваквата обврска има должност да ја исполнува на начин и во рок како што е утврдено во пресудата, во тековни месечни интервали. Секое непостапување по оваа обврска има правни последици и законски можности кои му стојат на располагање на родителот-старател или самото дете по полнолетството.

- Имено, една од законските можности на старателот до 18-годишна возраст на децата или самото дете по полнолетството е иницирање присилна наплата пред надлежен извршител. Друга законска можност за родителот-старател до 18-годишна возраст е иницирање постапка/ки пред социјалните служби за евентуална родителска негрижа на другиот родител или за советувалиштен третман каде што можат да бидат упатени родителите или други поригидни мерки. Околноста дека лицето е невработено, доколку има обврска за издршка (правосилна пресуда), е од влијание само за поведување судска постапка за намалување на издршката, доколку при носењето на пресудата биле поинакви околностите. Но, сѐ додека е во сила пресудата каде што е содржана обврската, тој е должен да постапува на начин утврден во неа - истакнува Билјана Славковска.

Освен постапка за присилна наплата пред надлежен извршител, во случај на неплаќање на издршката, за поекстремни случаи (кога родителот има можности, но свесно ја избегнува обврската за плаќање на издршката подолг период), на родителот-старател до 18-годишна возраст или самото дете по полнолетството им стои на располагање и можноста за иницирање кривична постапка за сторено кривично дело – неплаќање издршка според Кривичниот законик. Во ваков случај, со евентуална осудителна кривична пресуда по овој основ, освен кривичната санкција која би ја изрекол судот, кривичниот суд и ќе го задолжи обвинетиот во даден рок да ги исплати заостанатите, а неплатени издршки, дообјаснува таа.

- Поради сѐ претходно, препорачуваме доследно почитување на правосилните пресуди и тековните обврски на име издршка, не само поради правните последици од непостапување, туку, пред сѐ, поради тековните потреби на малолетните деца, кои не трпат одлагање. А во случај на променети околности кои влијаат врз висината на досудената издршка, да поведат судска постапка со која судот ќе ги цени новите околности и ќе донесе одлука според моменталните факти и докази кои ќе се презентираат во текот на постапката - додава Билјана Славковска.



Непочитувањето на пресудата води кон извршител

Според Наташа Димеска, шефица на кабинет во Министерството за труд и социјална политика, согласно Законот за семејството, родителите имаат еднакви права и должности (родителско право) кон своите деца. Односите на родителите и децата се засноваат на права и должности на родителите да се грижат за подигнување, чување, воспитување и образование на своите деца и да ги развиваат нивните работни способности и навики. Родителското право го вршат родителите заедно, во согласност со потребите и интересите на децата и интересите на општествената заедница.

- Родителите се должни да ги издржуваат своите малолетни деца, да се грижат за нивниот живот и за нивното здравје, да ги подготвуваат за самостоен живот и работа, да се грижат за нивното воспитание, школување и стручно оспособување. На родителот може да му биде одземено или ограничено вршењето на родителското право под услови предвидени со овој закон. Висината на алиментацијата ја определува судот во пресудата со која се разведува бракот. При утврдување на висината, судот прави процена на вкупните приходи и расходи на родителот со кого не живее детето и ја утврдува висината на износот за издршката на детето. Непочитувањето на пресудата на судот е основа за присилна наплата во постапка пред извршител - потврдува таа.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема