X
 29.10.2020 Живот

На почетокот од ноември ни се заканува медиумски мрак, решението заглавено во институциите

Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги заглавен во институциите

И покрај сите напори на операторите да се реши проблемот со спорниот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, решение сѐ уште нема. На 8 ноември истекува рокот за пререгистрација на каналите предвиден со Уредбата за измена на Законот донесена во време на вонредна состојба.

По истекот на рокот, операторите ќе бидат принудени да ги исклучат телевизиските канали, освен јавниот програмски сервис МТВ, што ќе значи информативен мрак и ненадоместливи последици за граѓаните, слободата на медиумите и слободниот пристап до информации, индустријата за електронски комуникации, но и за државата.

И покрај конфузијата што произлезе од донесувањето на овој закон, решение постои, но е заглавено во институциите. Операторите поднесоа Иницијатива до Уставниот суд во февруари годинава за оценување на уставноста на овие одредби од Законот, за што Уставниот суд сѐ уште нема донесено одлука. Постои и друга солуција, односно бришење на спорните членови од Законот.

- Едната солуција е законското решение да биде изменето, односно да биде избришан членот 143, став 3 и 4. Втората варијанта е да се прифати нашата иницијатива, која е на разгледување пред Уставен суд. Во спротивно ние по сила на Закон, кој е стапен во сила, и правилниците што ги има донесено Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, не сме во можност да ги пререгистрираме странските канали со оние фамозни изјави што треба да им ги дадат одговорните лица на странските радиодифузери, но и одговорните лица на операторите кои вршат реемитување, што е нон сенс, спротивно на европската практика - вели Благој Христов од Здружението на ИКТ при Стопанската комора на Македонија, каде што членуваат сите оператори.

Спорните членови во Законот за медиуми, донесени на почетокот на годинава, им наметнуваат на операторите обврска да гарантираат за авторските права на странските радиодифузери кои само ги реемитуваат и за тоа да сносат кривична и материјална одговорност. Тоа значи дека на операторите им се наметнува одговорност за туѓи дејствија, што е правно целосно неиздржано, спротивно на Уставот и не постои во ниту една држава во рамките на Европската Унија.

Доколку наскоро власта и институциите не го решат проблемот, граѓаните ќе останат без телевизиска понуда и информации, што е особено загрижувачки во време на ковид-криза, кога голем дел од граѓаните ги црпат информациите токму преку телевизиските вести и другите програми.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот