X
 29.12.2017 Здравје

Научете како да изберете тазе месо и избегнете ги финтите на трговците

 Витрините во продавниците се полни со тазе месо, како што се презентира, но дали тоа секогаш е навистина тазе или итрите трговци знаат да подметнат одмрзнати и постари производи? Проф. д-р Златко Пејковски од Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ објаснува што сè треба да знаат потрошувачите за да не бидат измамени и да не наседнат на финтите на трговците.

Измамите со месо, вели професорот, може да се препознаат, па затоа потрошувачите треба да бидат поедуцирани.

Препознајте го одмрзнатото месо

- Секогаш, доколку е можно, треба да го претпочитаме свежото месо од домашно производство пред увозното, смрзнато и складирано месо. Треба да се читаат етикетите и декларациите од кои може да се дознае кој е производителот, кога е произведено месото и до кога е одржливо – вели Пејковски.

Се случува несовесни трговци смрзнатото, па одмрзнато месо да го продаваат како свежо. - Треба убаво да погледнеме на дното на садовите во витрините каде што се продава месото. Кај месото што било смрзнато, па одмрзнато се издвојува поголемо количество крвав исцедок. Оваа појава негативно влијае врз квалитетот на месото бидејќи со крвавиот исцедок се губи значаен дел од протеините, минералите и витамините од месото, а тоа ја губи и сочноста - објаснува професорот.

Внимавајте на бојата. Не треба да се заборави дека и покрај тоа што кај замрзнатото месо порастот и развојот на бактериите се запрени, сепак, постојат оксидативни процеси што го влошуваат квалитетот на месото со текот на неговото чување во смрзната форма. - Потоа може да се случат некои непожелни постмортални промени на месото, па тоа станува бледо, меко и водлесто (БМВ-месо), или темно, цврсто и суво (ТЦС-месо). Овие промени, исто така, негативно влијаат врз неговиот квалитет. БМВ-месото почесто се јавува кај свинските кременадли и бутови, како и кај пилешките гради. Се разликува од нормалното месо по бледата боја. Ова месо испушта многу вода, а по термичката обработка губи многу од првобитната маса, добива темнокостенлива боја и нема сочност. ТЦС-месото почесто се забележува кај понудата на јунешко, а се препознава по потемната боја од месото со нормален квалитет. Рокот на траење на ова месо, поради повисоката содржина на вода, е намален – вели Пејковски.


Мешаат бајато со тазе

Некои производители, објаснува тој, инјектираат саламура во месото во која се додаваат полифосфатни препарати и други средства за врзување вода за да ја зголемат сочноста на месото и да ја намалат неговата цена на чинење.

- Некои, дел од непродадените, вратени од продажба преработки од месо може да ги вградуваат во друг производ, на кој му се става новиот датум на производство. Затоа купувачите освен на етикетата на која е даден рокот на траење, треба да обрнат внимание и на состојбата на вакуумот на кесичката, како и на бојата и изгледот на исцедокот во кесичката. Кај свежите производи речиси и да нема исцедок или, ако го има, тој е проѕирен, за разлика од долго време чуваниот производ каде што исцедокот е густ, заматен и има млечнобела боја. Честопати самите продавачи на месото, за да ја намалат загубата во неговата тежина, при изложувањето во витрините го обвиваат со проѕирна најлонска фолија. Понатаму, пред завршувањето на работното време или за време на неработните денови, така завитканото месо го натрупуваат на поголеми купови за повторно да го распространат во витрината пред продажбата. На тој начин, несвесно, го намалуваат пропишаниот рок на траење на месото. При овој несоодветен метод на чување месото не губи во тежина, но, од друга страна, поради зголемената релативна влажност, станува одличен медиум за раст и развој на микроорганизми, како резултат на што се јавува слиз (слуз) по неговата површина, што води кон прерано гниење. Така, месото, иако е во пропишаниот рок на употреба, ги менува неговите сензорни особини и личи на расипано – вели проф. Пејковски.

Свежата риба е цврста

Кога рибата е свежа, очите ѝ се јасни, а жабрите - црвени. Кога рибата ја држиме на дланка, ако е свежа, останува цврста – не се свива. Свежата риба, потопена во вода, потонува, а расипаната испливува на површината.

- Ако е тазе рибата, кога ќе ја притиснеш со прст, местото што си го притиснал треба да се врати во првобитната состојба или да не остане дупче од прстот – додава професорот.
Подготвил: Наташа З.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје