X
 30.01.2024 Живот

Словенечка компанија ги наградува вработените што не зеле боледување

Вработените во словенечката компанија „Ел-ти-ејч кастингс“, во близина на Љубљана, се жалат дека менаџментот на компанијата направил срамен потег и вовел парични награди за оние вработени што не користат боледување.

Интересно е што во предлогот на правилникот, менаџментот предвидел и стимулации за оние што не користат породилно и родителско отсуство, придружба и грижа, но по силната реакција на синдикатот одлучи да ги стимулира само оние вработени што не искористиле боледување.

- Оваа награда е морално, етички и професионално контроверзна бидејќи болестите се продлабочуваат и стануваат хронични - предупредува Метода Додиќ Фикфак од Клиничкиот институт за медицина на трудот, сообраќај и спорт, која е сигурна дека народниот правобранител ќе ја прогласи таквата одлука за дискриминаторска.

Правилникот важи од 1 јануари годинава. Доколку вработен нема ниту еден ден боледување во период од четири до шест месеци, ќе добие награда од 15 до 60 евра месечно, но доколку оди на боледување макар и еден ден, процесот на процена се рестартира и почнува од почеток.

Новиот модел на награда наиде на различни реакции во компанијата. Некои работници тврдат дека во оваа компанија, која има филијали и во Љубљана, Хрватска и во Македонија, често се регистрира мобинг и омаловажување на работниците.

Раководството на компанијата објаснува дека таа е посветена на промоција на здравјето и благосостојбата на вработените, што вклучува организација на многу активности во рамките на компанијата.

- Обезбедуваме редовни здравствени прегледи, поттикнуваме спортски активности, едуцираме за здравствената заштита, обезбедуваме вакцинација против грип и ковид-19. Сакаме да ја подигнеме свеста и да ги зајакнеме вработените за да имаат добро здравје. Создадовме нов модел на награда заедно со синдикатот на компанијата и го проследивме до сите вработени. Главниот акцент на моделот е да се наградуваат лицата што работат кога некој е отсутен, а процесот на производство мора да тече нормално. Реакциите на моделот, кој нормално ги следи воспоставените практики во Словенија, беа разновидни, но мнозинството вработени ги разбираат и ги прифаќаат неговите цели, кои се насочени кон општото добро и долгорочна стабилност на компанијата - додаваат од компанијата.

Извор: Biznis.telegraf.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот