X
 30.04.2020 Наша тема

Студенти по етнологија и антропологија онлајн ве учат да играте „Пајдушко“ и да чукате во 7/8 такт

Сите имаат завршено средно музичко училиште – насока за традиционална музика и игра, а во моментов волонтираат во „Танец“, објаснува проф. д-р Илина Јакимовска

Изолацијата и затворањето на образовните установи инспирираа многу студенти да ја изразат својата креативност. Тројца студенти од Институтот за етнологија и антропологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје снимија видеотуторијали во кои покажуваат како се играат неколку македонски ора, под менторство на д-р Илина Јакимовска, редовен професор на Институтот. Станува збор за видеотуторијали кои ги снимија Емилија Богдановска, Ленче Димовска и Дејан Матевски, студенти од прва година на студиите по етнологија и антропологија.


- Со нашата професорка решивме да создадеме видео и како етнолози да испратиме поддршка во целиот свет, во овој тежок период. Ќе ви покажам како најлесно да го исчукате најпознатиот македонски нерамноделен ритам - 7/8. Јас користев музички инструмент дајре, а вие можете да ја користите трпезариската маса, тенџерче, се разбира, ако ви дозволат - вели Емилија во видеото.

Професорката Јакимовска објаснува дека сите тројца имаат завршено средно музичко училиште - насока за традиционална музика и игра, а во моментов волонтираат во „Танец“.

Проф. д-р Илина Јакимовска

- Тоа значи дека имаат значајно искуство и знаење од оваа област и одлучија да ги споделат во момент кога на сите ни е потребна физичка активност, а и да научиме нешто ново. Видеата, кои се први што некогаш ги имаат снимено, се гледани и споделувани, па се надевам дека ова ќе ги мотивира да продолжат да ги снимаат, и на тој начин да го промовираат и овој дел од фолклорот, а и нашите студии. Тие им го привлекоа вниманието и на продуцентите на „ТВ-училница“ на МТВ, кои ги поканија да снимат слични содржини и за оваа емисија, овој пат наменети за деца - објаснува Јакимовска.

Студентката Ленче Димовска објаснува како се игра орото „Пајдушко“.
- Во оваа карантинска доба, кога сите седиме дома и се досадуваме, решив да снимам туторијал како самите да го научите орото - вели таа.

Еден од начините за вонредна настава

Дејан Матевски, пак, вели:
- Во минатото народот имал различни начини за справување со болести и зарази. Една од нив била токму играта. Во Овчеполието луѓето го изведувале орото „Престапничко“ за заштита. Пробајте и вие, можеби ќе успее - вели Дејан.


Јакимовска вели дека ова е еден од начините на одвивање на наставата на нивниот институт во вонредните услови.
- Наставата се одвива токму така - онлајн и вонредно. Сепак, многу брзо, уште по првата недела од затворањето на факултетот, се приспособивме на новонастанатата ситуација, и ние и студентите. Тие, барем според моето искуство, покажуваат дури и поголема одговорност за исполнување на обврските и присуство од вообичаено. Тоа покажува дека онлајн-часовите се доживуваат и како еден вид социјализација, дружење, размена на мисли за она што ни се случува. Оттаму, таа рутина е важно да се одржува, како некаков ред во хаосот - вели Јакимовска.
Најголем хендикеп за нив е неможноста да се оди на терен, што е практика секоја година во мај кога со студентите од сите години вршиме истражувања надвор од Скопје.
- Но виртуелен „терен“ се и социјалните мрежи, сето она што се одвива онлајн. Ова, на светско ниво, е истовремено и најголемиот предизвик, но и голема шанса да се регистрира, а потоа и истражи пандемијата од етнолошко-антрополошка гледна точка - објаснува Јакимовска.


Еден од фокусите на нејзиниот научен интерес е антропологија на фолклор. Јакимовска вели дека секоја година, уште на првиот час по овој предмет, зборува со студентите за погрешното или некомплетното разбирање на фолклорот.
- Иако обично се врзува за нештата што ги нарекуваме „народни“ (музика, носија, обичаи, празници), фолклорот е и современ феномен. Еден смешен твит кој масовно се споделува, препишува и прераскажува е исто така „фолклор“ колку што е една народна поговорка. Истото важи и за графитите, различните супкултури, видеоигрите или сериите со митолошки елементи, урбаните легенди - објаснува Јакимовска.

За односот на младите кон поимот „фолклор“

Оттаму, според неа, фолклорот може да е врзан со одредена нација, вера или култура, и да ги изразува нејзините верувања и вредности, но може и да е глобален и да не познава национални и религиски граници. Преовладувачкиот став кај нас е дека „фолклор“ е нешто што има врска само со минатото, само со рурални средини и само со некои традиционални обичаи и вештини. Но, доколку дефиницијата се прошири, тогаш би произлегло дека сите сме дел од некаков фолклор, без оглед дали тој е врзан за националното или не.

Исечок од Youtube

На прашањето каков е денес односот на младите кон фолклорот (традицијата) во време на дигитална технологија, голем наплив на турбофолк од соседните земји, генерално слаба застапеност на изворната фолклорна традиција во медиумите, Јакимовска вели дека тоа зависи од тоа како го разбираат, дали растеле со баби и дедовци кои им пренесувале фолклорни знаења, дали можеби играле во некое културно-уметничко друштво, дали го сметаат за дел од својот идентитет.

- И кај младите, а и кај повозрасните тој, за жал, може да биде основа за различни поделби. Во случајов, како што велите, помеѓу оние што во фолклорот гледаат нешто примитивно и назадно („сељачко“) и оние што го сметаат за нешто што ги дефинира, и како поединци и како дел од поширока заедница. Доколку во текот на образованието (и основното и средното) фолклорот се прикаже како нешто што поврзува поединци и култури, а не што разделува врз национална и верска основа, тогаш работите би биле многу поинакви - вели Јакимовска.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема