Милијардерот Илон Маск повторно го привлече вниманието на социјалните мрежи откако на своите над 240 милиони следбеници на платформата X им овозможи бесплатно гледање на контроверзниот филм „Граѓанинот Виџиланти“ (Citizen Vigilante). Како што пишува „Варајети“ , филмот бил достапен за бесплатно преземање и гледање речиси 48 часа, по што бил отстранет.
Станува збор за акционен трилер на германскиот режисер Уве Бол, кој во американските кина пристигна на 19 јуни, а уште од премиерата предизвикува силни реакции поради својата тематика и политички пораки.
Зошто филмот предизвика толку многу контроверзии?
Филмот следи Американец кој престојува во Европа и тргнува во крвав поход против криминалците меѓу мигрантската популација, претставувајќи се себеси како самопрогласен одмаздник. Токму ваквото дејство предизвика многу полемики.
Британскиот „Телеграф“ наведува дека филмот бил одбиен за дистрибуција во Германија поради изразено брутално насилство и содржина која критичарите ја оценуваат како антиимигрантска. Филмот ги подели публиката и критиката – едни го гледаат како провокативен акционен филм и политичка сатира, додека други сметаат дека промовира опасни стереотипи за мигрантите и поттикнува нетрпеливост. Контроверзијата дополнително ја засилува фактот што главната улога ја игра Арми Хамер, за кого ова е прв поголем филмски проект по повеќегодишна пауза предизвикана од обвинувањата за сексуална злоупотреба од 2021 година. Хамер ги негираше обвинувањата, а обвинителството во Лос Анџелес во 2023 година одлучи дека нема да покрене обвинение против него.
Варајети: „Морално банкротиран филм“
Тод Гилкрист, филмски критичар на „Варајети“, немаше благи зборови за остварувањето на Бол. Тој го опиша филмот како насилно, некохерентно и морално банкротирано експлоататорско дело, со оцена дека токму овој проект би можел дополнително да го отежни обидот на Хамер за враќање во Холивуд.
Маск ја контактирал продукцијата пред објавата
Во разговор за „Варајети“, режисерот Уве Бол откри дека Маск не го контактирал директно, туку преку американскиот поткаст „Уве Бол Ро“ (Uwe Boll Raw), кој го води заедно со Гери Ото.
- Ми рекоа дека имаат порака од Илон Маск. Искрено, прво мислев дека станува збор за лажен профил. Не верував дека навистина би ме контактирал – рече Бол.
На прашањето дали Маск барал дозвола да го објави филмот на X, Бол одговори: „Во суштина, да“.
Бесплатната објава донесе огромна реклама
Режисерот признава дека сè уште не е сигурен дали овој потег финансиски му се исплател.
-Добивме огромно медиумско внимание, но не и пари. Дури за четири до шест недели ќе знаеме дали ова ни донесе поголема заработка или скапо нè чинеше - рече тој. Тој додаде дека филмот во тој момент практично не бил достапен надвор од САД и Канада, не добил класификација за прикажување во Германија, ниту во Велика Британија, поради што сметал дека нема многу што да изгуби.
Бол во меѓувреме најави дека „Граѓанинот Виџиланти 2“ ќе пристигне во 2027 година.
Маск дополнително ги подгреа очекувањата кога одговори на објавата дека филмот е меѓу најгледаните на листите на „Епл ТВ“, порачувајќи дека продолжението ќе биде „уште подобро“. Режисерот вели дека сценариото сè уште не е напишано, но очекува дека Арми Хамер ќе се врати во главната улога.
Фото: принтскрин/јутјуб