X
 31.05.2026 Живот

„Правилото 3-3-3“ ја открива разликата помеѓу непроспана ноќ и несоница како клинички проблем

Спиењето е една од основните човечки потреби, како и дишењето, храната, водата. Кога спиеме, закрепнуваат и телото и мозокот, се зајакнува меморијата, имунитетот, се стабилизираат хормоните, подобро е расположението, помал е ризикот од депресија. Повремената несоница нема во значајна мера да влијае врз здравјето, проблемот е доколку е честа и ако го нарушува квалитетот на секојдневниот живот. Д-р Сани Наџи вели дека „правилото 3-3-3“ може да укаже на разликата помеѓу минливо лошиот сон и посериозен проблем.

Што е „правилото 3-3-3“?


Нарушување на сонот од најмалку три ноќи неделно во траење од најмалку три месеци не е само последица на лоши животни навики, туку е во домен на несоницата - вели д-р Наџи од Кралскиот колеџ на анестезиолози.

За сите што сметаат дека патат од несоница, д-р Наџи советува да се обидат да одговорат на следните три прашања:

Дали лошо спијам најмалку три ноќи неделно?
Дали проблемот со спиењето трае најмалку три месеци?
Дали лошиот сон ми влијае врз најмалку три аспекти - замор, промени во расположението, недостиг на концентрација?


Несоницата не е само отсуство на сон

Докторот објаснува дека несоницата обично се проценува врз основа на тоа како се чувствуваме во текот на денот, а не само според она што се случува во текот на ноќта.

Честа заблуда е дека несоницата значи гледање во таванот и целосно отсуство на сон. Несоницата се дефинира според влијанието врз дневните активности. Ако забележите дека лошите навики на спиење значително влијаат врз расположението, концентрацијата и способноста за функционирање, веќе се работи за клиничка состојба - прецизира д-р Наџи.

Што ако се посомневате на несоница?

Експертите нагласуваат дека несоницата не е трајна состојба, туку често е последица на силен стрес, дејство на алкохол, спиење во просторија која е премногу топла или премногу студена. Кај повеќето лица доаѓа до подобрување по промената на лошите навики. Совет е да одиме на спиење во исто време секој ден, редовно да вежбаме, собата во која спиеме да биде темна и тивка, а постелата удобна. Препорака е пред спиење да се обидеме да се опуштиме, на начин кој најмногу ни одговара.

Доколку промените на навиките не помогнат и ако проблемот трае со месеци и го отежнува секојдневното функционирање, треба да се обратите кај лекар.

Извор: eklinika
Фото: freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот