Постои една табу-тема во земјите на Балканот за која никој не зборува и не е баш интересна за заедниците и државите. Имено, станува збор за мајките на деца со тешкотии во развојот. Како живеат мајките што поминуваат 24 часа дневно грижејќи се за своите деца?
Голем процент од децата се во количка, неподвижни, со чести епилептични напади, тешки заболувања на организмот... Деца кои се апсолутно зависни од другите, а во нашето општество и нашиот менталитет, тој некој „друг“ е токму мајката.
Жена од крв и месо, личност со свои емоции, надежи, знаења, соништа, како и секоја друга. Бидејќи и самата сум мајка на дете со тешкотии, често сум во контакт со другите мајки од регионот и некои од нивните приказни покажуваат колку се тие силни и емотивни. Во неодредени системи, какви што се на Балканот, жените што ги негуваат своите деца 24 часа на ден главно се на работ на очајот. Исцрпени, сами носејќи го товарот што го преживуваат. Многу од нив толку се истрошуваат на тој пат, што едноставно се повлекуваат и престануваат да комуницираат со светот.
Една од овие мајки еднаш рече: „Додека можам, добро е, но кога ќе видам дека не можам повеќе и дека сум болна, ќе му дадам на детето да испие нешто, па и јас ќе го испијам. Така ќе завршиме“. Престрашно е и да се помисли, а не пак да се живее ваков живот. Многу мајки секојдневно се соочуваат со голем број проблеми и предизвици, но тоа во нашето општество не стигнува до оние што треба да обрнат внимание на здравјето на овие родители. Во популизмот и политичкиот сензационализам нема место за обичните луѓе и нивните проблеми. Во секое подобро уредено општество ваквата изјава на мајката би предизвикала реакција од многу служби и институции, но не и на Балканот. На Балканот се подразбира дека мајката мора да ги извршува работите сама и притоа уште и да ја дискриминираат.
Оваа дискриминација е толку врежана што е неверојатно да се слушнат некои од ставовите што сум ги слушнала низ годините. „Види ѝ ги ноктите, налакирани, а вели дека ѝ е тешко“. Не можев да молчам, па возвратив: „А што, да бидеме валкани, несредени бидејќи имаме деца со тешкотии, за системот да сфати дека ни треба грижа и помош?“ Никогаш нема да бидеме такви, и покрај очекувањата на некои функционери на овие простори. Ние нашите деца ги воспитуваме и учиме да бидат луѓе, ги учиме да јадат, да се облекуваат, да одат во бања, да ги мијат рацете, да играат и што уште не, но тоа да го прават со подигната глава и насмевка, а никако валкани и несредени. Па дури и тогаш кога знаеме дека детето ни е доживотно во количка и дека зависи од помошта на другите. Проклет балкански менталитет, мајка која се одрекла од себе, од сите свои надежи, соништа, професија и уште многу работи во животот, за да го негува своето дете - изјавува дека ќе се убие заедно со детето бидејќи не може да издржи сама, добива коментар дека ѝ се налакирани ноктите.
Многу денови поради обврски не сум стигнала да јадам, доцна во ноќта кога ќе легнам чувствувам дека сум гладна, но немам сила да станам и да се довлечкам до фрижидерот - нешто што неминовно си го зеде данокот и на моето тело и на мојот ум, но јас и понатаму сум личност и сакам да погледнам добар филм, да одам на концерт, да гледам претстава, да излезам со пријателките. И го правам тоа. Ако некој мисли дека поради тоа сум „немајка“, се лаже. Нека се обиде да живее со толку обврски дневно само седум дена. Наредниот ден повторно станувам, го подготвувам моето дете, се шминкам, се насмевнувам и повторно, нов круг. До кога, не знам, но едно е сигурно - додека имам сила во себе.
Знаат надлежните многу добро како изгледа оваа борба и со кое темпо се движи, но игнорираат во духот на заштедата. Не сме им во фокусот бидејќи од нас никогаш нема да ја имаат поддршката за своите планови. Ние се држиме една до друга, си помагаме, се советуваме, бараме, инсистираме, и така во круг. Не е важно од која држава сме или град, ние сме мајки и не дозволуваме да нè стават во канта за ѓубре бидејќи им требаме на нашите деца, здрави и прави, свесни за фактот дека си помагаме една со друга.
Автор: Аида Хрњиќ