X
 31.10.2022 Наша тема

Карциномот на дојка не е само женска болест, кај мажите, иако е поредок, обично се јавува на возраст над 55 години, вели д-р Маја Стојановиќ-Чрчева

Иако карциномот на дојка најчесто се среќава кај жените, во помалку од 1 отсто ги засега и припадниците на машката популација. Токму затоа, дел од активностите во овие кампањи се насочени кон нив. Третата седмица од октомври е посветена на карцином на дојка кај мажите, вели д-р Маја Стојановиќ-Чрчева, спец. по радиодијагностика

Во третата недела од Светскиот месец за борба против ракот на дојка акцентот се става на карцином на дојка кај мажи. Карциномот на машката дојка е многу редок и во однос со карциномот на дојка кај жените е застапен со 1:100, или 1 процент од сите малигни тумори на дојка кај двата пола. Обично се јавува кон крајот на петтата и шестата деценија од животот, просечно десетина години подоцна отколку кај жените. Д-р Маја Стојановиќ-Чрчева, спец. по радиодијагностика во ПЗУ Центар за дојка, ни сподели дека розовата панделка која е препознатлив интернационален симбол на борбата со тоа заболување во третата седмица од октомври е во две бои - розова и светлосина.

Потребна е поголема и подобра информираност на оваа тема

Месецот октомври повеќе од триесет години е месец кој е посветен на зголемување на свесноста за постоење на карцином на дојка.

- Во овој месец низ целиот свет се случуваат многубројни настани и манифестации - капитални згради се осветлуваат во розова боја, се организираат маратони, концерти, едукативни работилници итн. Сето тоа е со цел да се постигне подобра информираност за ова заболување, но и да се соберат повеќе средства во фондот за истражување на оваа болест и да им се даде поддршка на сите што се соочиле со неа. Иако карциномот на дојка најчесто се сретнува кај жените, во помалку од 1 отсто ги засега и припадниците на машката популација. Токму затоа, дел од активностите во овие кампањи се насочени кон нив. Третата седмица во октомври е посветена на карцином на дојка кај мажи. Розовата панделка, која е препознатлив интернационален симбол на борбата со тоа заболување, во третата седмица од октомври е во две бои - розова и светлосина - посочува Маја Стојановиќ-Чрчева.



Повеќето од луѓето сметаат дека карциномот на дојка е болест која ги засега исклучиво припадничките на женскиот пол. Затоа ја поздравуваме вашата желба ова интервју да ѝ го посветите на машката популација со цел нејзина поголема и подобра информираност на оваа тема, дополнува докторката.

И Македонија бележи статистика со рак на дојка кај мажи

Најчесто кај мажите карцином на дојка се јавува на возраст над 55 години.

- Важно е да се знае дека околу 30 отсто од овие пациенти имаат позитивна фамилијарна анамнеза за ова заболување. Други фактори што го зголемуваат ризикот се: хормонална терапија со естрогени кај карцином на простата, трауми на тестиси, неспуштени тестиси, хируршко отстранување на тестис, радијациска траума на граден кош. Доколку се забележи некоја промена во смисла на грутки во дојките или пазувите, крвав исцедок од брадавицата или вовлекување на брадавица - треба да се помисли и на оваа болест без разлика на половата припадност и да се посети лекар. Прегледите ги прави специјалист по радиодијагностика, при што се користат истите дијагностички методи како и кај жените (ултразвучен преглед, мамографија, МР) - информира Маја Стојановиќ-Чрчева.


Д-р Маја Стојановиќ-Чрчева, спец. по радиодијагностика

И во Македонија има регистрирани случаи со рак на дојка кај мажи.

- И во Македонија има регистрирани случаи на карцином на дојка кај мажи со процент на застапеност кој одговара на светската статистика. За лекување на овие пациенти се користат истите терапевтски методи како и кај жените и, секако, успешноста на лекувањето е многу поголема доколку дијагностиката е направена навремено и карциномот е откриен во рана фаза - вели докторката.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема