X
 02.10.2023 Живот

Објавени добитниците на Нобеловата награда за медицина и физиологија

Добитници на годинашната Нобелова награда за физиологија и медицина се унгарската биохемичарка Каталин Карико и американскиот научник Дру Вајсман.
Тие добија награда за нивниот придонес во развојот на mRNA вакцина против ковид.

Карико е американско-унгарска биохемичарка која до 2022 година беше потпретседателка и раководителка на размена на RNA-протеини во „Бионтек“, по што беше консултант на споменатата компанија. Покрај тоа, таа е предавач на Универзитетот во Сигет, Унгарија, и вонреден професор на Медицинскиот факултет „Перелман“ на Американскиот универзитет во Пенсилванија. Вајсман, исто така, е професор по истражување за вакцини во оваа установа.

Како што објави Нобеловиот комитет, нивните откритија беа клучни за развојот на ефикасни вакцини mRNA против ковид-19 за време на пандемијата.

- Преку нивните револуционерни откритија, кои фундаментално го сменија нашето разбирање за тоа како mRNA комуницира со нашиот имунолошки систем, лауреатите придонесоа за невидена стапка на развој на вакцини за време на една од најголемите закани за човековото здравје во модерното време - се наведува во образложението.

Инаку, 113 Нобелови награди се доделени за физиологија и медицина од 1901 година, откако се доделува наградата.

Оваа година Нобеловата фондација ја зголеми паричната награда по категорија за еден милион шведски круни на 11 милиони круни (950.000 евра).

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот